• вторник, 24 декември 2024

Промоција на првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“

Промоција на првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“

Битола, 6 јули 2024 (МИА) – Во Офицерски дом во Битола денеска во 12 часот ќе биде промовиран првиот број на списанието „Муза“. Женскиот алманах за култура и урбано живеење е посветено на силни, инспирирачки жени, кои живеат и творат на територијата на град Битола.

Со „Муза“ ќе се запознаете со жени кои се издигнале во културата, уметноста, модата, спортот, бизниси претприемачкиот сектор, образованието и науката и други области. Преку статии и совети ќе се информирате за различни ранливи групи, родова еднаквост, женски активизам, менторство и кариерен развој, интеркултурна интерпретација, меѓународни перспективи, изјави главниот и одговорен уредник Илија Талев.

Според него, името на списанието е избрано од две причини.

- Секоја жена, независно од нејзината професија, позиција во општеството, стил на живот или влијание, е нечија муза – извор на инспирација и сила. Но, Муза е еден од повисоките планински врвови на планината Баба, со надморска височина од 2.351 метри, што во случајот симболизира височина и достигнување, наведе Талев.

Издавач на списанието е Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола.

- „Муза“ не е само списание, тоа е заедница на инспиративни жени и ментори, кои одговараат на предизвиците и ги менуваат правилата на игра. Овде, сите сте добредојдени да ги делите Вашите идеи, размислувања и приказни. Ова е Вашиот простор каде ќе ја истражиме несовршената хармонија на родовата еднаквост и женската еманципација, ќе се залагаме за инклузивна култура и ќе го одржуваме пламенот на промената, истакна Талев.

Во првиот број на „Муза“, покрај другото, има интервјуа со модната креаторка Славица Јанкуловска Цаци, мини профил на музејскиот работник Наде Геневска Брачиќ, колумна на писателката Јована Матевска Атанасова, текстови за женски активизам и други содржини. ми/ев/

ФОТО: Списание „Муза“

 

Остани поврзан