• недела, 28 јули 2024

Промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Со промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ денеска ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески. Промоцијата ќе почне во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите – „Св. Климент Охридски“.

Промотори ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.

„Просто и строго – Конески“ на Антоновски беше објавена неодамна и во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде  еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност. 

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

- Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус, велат од „Матица македонска“. ир/лв/

Остани поврзан