• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на Избраните дела во пет томови од Блаже Миневски

Промоција на Избраните дела во пет томови од Блаже Миневски

Скопје, 20 април 2023 (МИА) - Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип денеска ќе се одржи промоција на Избраните дела во пет томови од Блаже Миневски. Овој издавачки проект е реализиран во рамки на јубилејот - триесет години од основањето, „Матица македонска“ од Скопје. Изданието го приреди Раде Силјан, а ликовно-графичкиот дизајн е на Кристи Георгиевски.

Во првиот том со наслов „Да речиме уште една“ се објавени расказите, а во останатите четири томови романите „Нишан“, „Свирци“, „Мемоарите на една млечка“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ „Мрежата на Мамли“ и „Фантомско стапало“. Книгите се проследени со толкувања од Митко Маџунков, Венко Андоновски, Марија Проскурнина, Оливера Ќорвезироска, Ефтим Клетников, Стефан Влахов-Мицов, Марија Ѓорѓиева Димова, Душан Стојковиќ, Јордан Плевнеш и други.

Блаже Миневски е автор на девет романи, седум драми и три книги раскази.

Романите на Миневски се преведени на англиски, руски, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски, полски и италијански јазик, а со свои раскази е застапен во речиси сите антологии на кратката проза објавени последните триесетина година во земјава и надвор од неа. Дел од нив се преведени на повеќе од дваесет јазици во светот.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“.

Избраните дела на Миневски ќе ги промовираат Трајче Кацаров и Марина Мијаковска. мд/

Фото: „Матица македонска“

Остани поврзан