• среда, 27 ноември 2024

Промоција на двајца млади автори и книжарница на тркала во Крива Паланка 

Промоција на двајца млади автори и книжарница на тркала во Крива Паланка 

Крива Паланка, 19 јуни 2024 (МИА) - Книжарницата на тркала „Зборче“ на издавачката куќа „Антолог“ денеска цел ден гостуваше во Крива Паланка, а попладневните часови беа резервирани за промоција на книгите на двајца млади македонски автори, Мери Арсова и Анде Јанков.

Промоцијата ја организираше Европската куќа Крива Паланка, а настанот се одржа на централниот градски плоштад каде покрај бројната публика и голем број случајни минувачи имаа можност да проследат еден нов концепт на промовирање книжевни дела.

- „Бек ту бек“ промоцијата е релативно нов концепт на „Антолог“ што започна на годинашниот саем и се покажа како исклучително креативен начин да се задржи вниманието на публиката, да се заинтересираат и запознаат читателите со нашите дела, но и ние како автори мора да ги познаваме добро делата на другиот, зашто во овој концепт говориме взаемно за нашето творештво. Пријатно сум изненадена од вниманието и интересот на публиката овде во Крива Паланка, овој амбиент се покажа како одличен. Ја поздравувам иницијативата на Европската куќа да организира вакви настани за промоција на домашни автори, рече Арсова.

Истакна дека смета оти во текот на пандемијата и во периодот до денес, некако како да се зголеми интересот на публиката за читање домашни автори и тоа е факт што радува.

На настанот беше промовирана најновата книга на Арсова, „Коски, пепел, чад“, како и најновиот роман од Анде Јанков, „Кобајаши Мару“.

- Ова ми е прва ваква промоција на отворено и прекрасна беше, самата интерактивност на плоштадот си го направи своето, ние бевме двајца на сцена, со колешката, а и „Бек ту бек“ концептот на „Антолог“ досега претставуван само на саем, денес првпат е пред поширок аудиториум и наиде на одличен прием. Инаку, како автор на пет романи сметам дека публиката умее да препознае добра приказна, се читаат домашни автори сѐ повеќе, а јас пак, секогаш го имам и Скопје во приказните, и задолжително по некој друг македонски град. Сметам дека најдобро може да се допре до публиката особено ако се пишува за македонски карактери во македонски средини, рече Јанков.

Книжарницата на тркала „Зборче“ со најактуелните наслови во издание на „Антолог“ беше присутна на градскиот плоштад во Крива Паланка од 10 до 20 часот. ид/ар/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан