• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на втората енциклика на папата Франциск „Слава Тебе“ на македонски јазик

Промоција на втората енциклика на папата Франциск „Слава Тебе“ на македонски јазик

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Комисијата за односи со верските заедници денеска ја промовираше втората енциклика на папата Франциск „Слава Тебе“ (Лаудато Си), со превод на македонски јазик.

Папата Франциск со ова послание се посветува на грижата за животната средина, како и на неопходната здружена акција од сите совесни за спас на нашиот заеднички дом. Тој го критикува конзумеризмот и неодговорниот развој, и повикува на пресвртна, брза и обединета глобална акција. Ова беше истакнато на денешната промоција каде свое излагање имаше и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски.

Потресни се податоците за состојбата на животната средина, истакна Сотировски, за квалитетот на воздух, вода и почва, за модифицирањето на природната храна, за мутирањето на вирусите, за целосното нарушување на еко-системите, за последиците кои рапидно го забрзуваат интервалот за целосна деградација.

-Ние во Македонија, ги слушаме и размислуваме овие високоморални поуки на папата Франциск. Апатијата која владее во земјава поради конзумеризмот, индивидуализмот и неостварените очекувања е интензивно. Папата цели дека од рамнодушноста на заедницата се ослободуваме кога ќе се појави нова локална општествена структура која го промовира општото добро и наметнува култура на грижа, рече Сотировски.

Тој истакна дека папата Франциск со книгата „Слава Тебе“ сака да го освести човекот да ги увиди состојбите и да го мотивира да започне процес на лекување, бидејќи како што кажа Сотировски, основен предуслов за човекот да се лекува е тој да биде свесен за својата состојба, да сака да оздрави и да го прифати процесот на лечење.

-Колку човекот повеќе одбива лек, мислејќи дека е здрав, факт е дека не чини работата. Основен предуслов да се лекува е пациентот да биде свесен за својата состојба и да сака да оздрави и да го прифати процесот на лечење. Подеднакво истото важи за општеството, особено за државава, а ако сакате сигурно и за црквата. Папата Франциск со ова послание сака да го освести човекот да ги увиди состојбите и да го мотивира да сака да го прими лекот, да го започне тој процес на лекување, рече Сотировски.

Енцикликата „Слава Тебе“ е издадена во 2015 година, благодарение на ангажманот на македонската Комисија за односи со верските заедници и соработката со Скопската бискупија, денеска е издадена и на македонски јазик со одобрение од ватиканскиот Дикастер за комуникации. ра/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан