• вторник, 24 декември 2024

Промоција на „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ

Промоција на  „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - Најновата книга од академик Влада Урошевиќ, збирката раскази „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ во издание на „Или-Или“ вечер ќе биде промовирана во кино „Фросина“ во МКЦ.

Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави писателот Гоце Смилевски. Според Смилевски, Влада Урошевиќ со своите дванаесет раскази од збирката „Вонземјанки“ успева да оствари маестрална проза.
 
- Расказите од книгата „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ ни покажуваат колку е важен не само градот во кој се пишува, туку и градот за кој се пишува, смета Смилевски.
 
Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е автор на повеќе книги поезија и збирки раскази. Тој е романсиер, есеист, патописец. Првпат навлегол во тајните на Париз во текот на студиската 1967/68 година, за потоа повеќепати да престојува во овој град. Ги препеал на македонски јазик поетските книги на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо. Составил повеќе антологии, помеѓу кои и „Големата авантура - францускиот надреализам“. Своите доживувања на Париз ги опишал во книгите „Алдебаран“ и „Париски приказни“. Во овој град е избран за член на поетската академија „Маларме“, а таму, годинава, се случи (во исто време кога и во Скопје) неговото именување за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
 
Изданието на „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ е поддржано од Министерството за култура. мд/
 
Фото: „Или-Или“

Остани поврзан