• среда, 27 ноември 2024

Промовиран 25-тиот број на списанието „Велес“

Промовиран 25-тиот број на списанието „Велес“

Велес, 4 октомври 2024 (МИА) - Во медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес денеска беше промовиран 25-тиот јубилеен број на списанието „Велес“ што последниве осум години го издава Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. На 164 страници на списанието што излегува еднаш годишно во четири дела се објавени статии од велешкиот духовен архив, книжевност и книгопис. Списанието „Велес“ е едно од трите вакви специјализирани во земјава. Автори се велешани кои живеат во Велес и странство.

Еден од тројцата иницијатори за негово излегување, проф д-р Васил Тоциновски заедно со академик Александар Спасов и проф д-р Вера Весковиќ Вангели, списанието „Велес“ го спореди со најстарото македонски списание „Современост“ за култура, литература и уметност, издадено во далечната 1951 година од Мито Хаџи Василев-Јасмин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Димитар Митев, Александар Алексиев и другите.

-Богатата историја и традиција најдобро ја илустрира списанието „Велес“. Списанието е посветено на велешките теми. На списанието има бројче кое му овозможува меѓународна комуникација. Литературата не постои сама за себе, таа со своите естетски вредности мора да комуницира и да биде дел од големото семејство на светската литература, потенцира Тоциновски.

Лила Арсова од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ информира дека прават напори барајќи спонзори за континуирано излегување на списанието еднаш годишно. Воедно од нивни членови е и неговото техничко уредување, а нивните членови од клубот се и дел од авторите застапени во списанието „Велес“.

Списанието може да се најде и прочита во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.ад/бт/

 

Остани поврзан