• петок, 08 ноември 2024

Промовиран зборникот „Македонка – орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“

Промовиран зборникот „Македонка – орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“
31 октомври 2022  Во Музејот на Република Северна Македонија во рамки на проектот Архиви на невидливите, Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК – Скопје, во соработка со Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО го организираа мултидисциплинарниот настан кој вклучуваше отворање на самостојна изложба на уметницата Христина Иваноска со наслов „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ и промоција на зборникот: „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“. Уредничките на изданието Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска, заедно со другите автори Дарко Стојанов – Леитнер, Мања Величковска и Христина Иваноска ги презентираа наодите од истражувањето, по што следеше тркалезна маса за перспективите на истражувањето на ова прво женско списание на македонкси јазик и неговата индивидуелна, институционална и јавна димензија, каде свои излагања имаа Вера Бунтеска, Билјана Котевска, Јелена Милинковиќ и Душица Лазова. Модераторка и промоторка на книгата беше Ана Василева. Според изјавите на сите инволвирани, овој проект посветен на списанието „Македонка“ е од исклучителна важност во проучување на периодиката од Југословенскиот простор и оваа збирка нуди потенцијал за понатамошни истражувања од повеќе дисциплини. Вклучените во проектот ќе работат понатаму во насока на дигитализација на списанието со цел доближување на содржините од оваа периодика до јавноста. Преку својата изложба Христина Иваноска се задржува на првиот број на „Македонка“ кој се појавува за прв пат во извонредно тешки услови на 7 ноември 1944 г. Фокусирајќи се на својата методологија на работа, Иваноска издвојува три суштински поими на перформативното: текст, глас и тело, околу кои се конципираше поставката на изложбата. „Документот што недостига“ е долгогодишен истражувачки, концептуален и ликовен проект на Иваноска започнат во 2014 година, а кој се однесува на формите, наративите и естетиката на политичкото дејствување на жените во Македонија во првата половина на 20 век и нивното поврзување со денешните форми на отпор. Во недела на 6 ноември од 11-13 часот, во рамки на „Маалски фестивал“ на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, ќе се организира прошетка низ изложбата во Музејот на РС Македонија водена од уметницата Христина Иваноска. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 30 ноември годинава. Центар за истражување на национализмот и културата - ЦИНИК од Скопје ________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан