• среда, 27 ноември 2024

Промовиран документ „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија“

Промовиран документ „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија“

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) –  Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ го промовираше документот за политики „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“.

Како што наведува Здружението, жените во Северна Македонија имаат повисоки стапки на невработеност, особено оние од руралните средини, односно 18 634 жени од руралните средини во нашата земја се најголемиот број на неплатени семејни работници во 2021 година. 

-Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации, соопшти Здружението „Мрежа Стела“. 

Промовираниот документ е дел од проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“ во рамки на билатералната програма за субгрантирање на женски граѓански организации спроведувана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation. 

Целта на проектот е да се направат долгорочни стратегии за подобрување на состојбата на жените и девојките при вработување и олеснување на предизвиците со кои се соочуваат на работните места, како и претставување на еднакви можности и насоки за искористување на постоечките политики и подобрување на сегашните.

Според одговорите на спроведените интервјуа, посочува Здружението, најголемите предизвици се: недостатокот на пристап до менторство и професионални мрежи; ограничени можности за обука и усовршување; недоволна информираност за постоечките мерки и бирократски пречки во процесот на аплицирање; недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените; мерките се ограничувачки (ниво на образование, поседување имот, враќање средства, бришење од евиденција на невработени).

Документот има препораки и заклучоци за тоа што може да се направи веднаш, но и кои се долгорочните стратешки цели.

Во итните мерки се наведени: да се стави приоритет на индивидуалните потреби и спецификите на жените и девојките; едноставни и лесно разбирливи мерки, пропратени со едноставен процес на аплицирање и соодветна менторска помош; промоција на флексибилни работни услови; засилени инспекциски надзори и имплементација на законски регулативи; финансиски стимулации за отворање компании што вработуваат жени.

Во долгорочните стратешки цели се посочени: покрај јавни кампањи, неопходен е и системски пристап за надминување на родовите стереотипи, предрасуди и патријархални сфаќања; реформа на образовниот систем во насока на прмовирање програми за развој на претприемачки вештини и охрабрување на девојките да се вклучат и во STEM; воспоставување и постоење подолгорочни менторски програми; инвестирање во инфраструктура за грижа на деца и постари лица. хс/дма/

Фото: Здружение за еднакви можности  „Мрежа Стела“ 

Остани поврзан