• среда, 25 февруари 2026

Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија и медицинска психологија и социологија - придонес кон психијатриската наука

Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија и медицинска психологија и социологија - придонес кон психијатриската наука

Скопје, 19 февруари 2026 (МИА) - Првите акредитирани учебници по психијатрија - „Психијатрија“ и „Медицинска психологија и социологија“ - денеска беа промовирани во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Авторскиот тим на учебникот „Медицинска психологија и социологија“ го сочинуваат проф. д-р Димитар Боневски, невропсихијатар; проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, психијатар; проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар и виш научен соработник; и Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија. Уредници на учебникот „Психијатрија“ се проф. д-р Димитар Боневски, проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска и проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар.

Пред промоцијата директорката на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, изјави дека ова е историски ден за македонската психијатрија во академска смисла. 

- Тоа се први акредитирани учебници издадени од нас, однсоно преку Медицинскиот факултет. Акредитирани учебници по психијатрија и по медицинска психологија. Зошто е толку многу важно? Затоа што тоа значи огромен развој во однос на академската мисла, но и емпириската. Науката цело време се развива и ние мораме да бидеме во чекор со науката. Од друга страна, мора да бидеме корисни и за оние што сме наменети, односно наставниците се во корист на студентите. Доколку ние создаваме квалитетни студенти, тоа утре значи квалитетни доктори, стоматолози и други  здравствени работници и тоа подразбира поквалитетна здравствена заштита - рече Арсова Хаџи-Анѓелковска.

null

Таа истакна дека први акредитрани учебници значи дека се целосно научно покриени следејќи ги светската литература и светските терапевтски водичи и воопшто не заостануваме во психијатријата и во психологијата во светот. 

- Тоа значи огромен чекор за нас. Огромен чекор за психијатријата во Македонија, во однос на развој, но и секојдневна клиничка примена. Не само за студентите туку и за сите доктори, специјализантите, специјалистите и за сите други што сакаат да читаат психијатрија и медицинска психологија - истакна Арсова Хаџи-Анѓелковска. 

null

Проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар при Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, изјави дека учебникот по психијатрија и учебникот по медицинска психологија и социологија се први акредитирани учебници во последните 30-40 години. Откако постои Медицински факултет, како што рече, ова се првите акредитирани учебници од Медицинскиот факултет. 

- Претходно, постоеја учебници што беа добри научни помагала, но не беа акредитирани од Медицинскиот факултет. Значењето токму затоа е големо. Тоа се патеки по кои нашите студенти, специјализантите и практичарите треба да ги следат. Во ова време на брзи информации, каде што интернетот ни дава брзи и за нешто достаточни информации, тука имаме структура, патеки, она што е неопходно за нашите млади колеги да го стекнат како искуство. Имаме искуство вткаено во овие учебници. Не се само наредени факти, туку е и клиничка мисла, клиничка процена, која сме ја стекнувале со години со текот на генерациите. Патеките што ги оделе нашите претходни генерации и ние и по кои, веројатно, унапредувајќи ја психијатриската наука, ќе одат и нашите млади колеги - рече Новотни.

null

Одговорајќи на новинарско прашање, Арсова Хаџи-Анѓелковска изјави дека, генерално, не може да каже каква е состојбата со менталното здравје во земјата. 

- Има пораст на луѓе што бараат помош, кои бараат психијатриско-психолошка помош. Тоа се должи на многу фактори. Еден од факторите е дека сме поблиску до луѓето, поотворени сме. Луѓето сè повеќе се поинформирани во однос на сите квалитетни услуги што ги нудиме ние како Универзитетска клиника. Свесноста за менталното здравје е поголема на ниво на целата држава - рече Арсова Хаџи-Анѓелковска.

null

Според неа, стигма постои и сè уште треба да се работи на тоа. Стигмата, како што рече, постои секаде во светот.

- Колку повеќе се зборува за менталното здравје, за значењето на менталното здравје, за превентивните механизми што треба да ги користиме за подобрување на менталното здравје, толку е поголема шансата стигматизацијата на луѓето што имаат психички тешкотии да се намали - рече Арсова Хаџи-Анѓелковска. мд/вг/

Фото: МИА 

Остани поврзан