• сабота, 23 ноември 2024

Промовирани две драми од Страхил Алексиќ во Крива Паланка

Промовирани две драми од Страхил Алексиќ во Крива Паланка

Крива Паланка, 19 април 2024 (МИА) - Две драмски дела од кривопаланчанецот Страхил Алексиќ денеска беа промовирани во Националната установа Центар за култура Крива Паланка како дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“.

Станува збор за  кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“, инспирирани од вистинси настани што биле дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги напишал пред 30-тина години. 

Драмата „Ожењи се Санде калајџија“ првпат е поставена и изведена во 90-тите години од минатиот век под раководство на професорката Марица Николовска, а пред повеќе години беше реобновена и претставена пред кривопаланечката публика од Драмското студио при НУ Центар за култура, во режија на Глигор Цветковски. Во 2018 година, пак, е изведена од ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, под раководство на професорката Катерина Наковска Митовска, што јасно говори за интересот кај познавачите на драмското творештво, младите актерски таленти и кривопаланечката јавност. 

Делото „Најефтината свадба“ досега не е драматизирано и не е познато на јавноста. 

Страхил Алексиќ е првиот и засега единствен автор од Крива Паланка кој напишал драмски дела што сведочат за кривопаланчките настани од минатото, со што се потврдува нивната неизмерна вредност. 

-Драмите изобилуваат со едноставни, секојдневни битисувања на ликови со разговори или на паланечки дијалект „думи“ со кои нѐ навраќаат во традицијата на едно не толку далечно минато, на времиња во кои момите се мачеле не по своја волја. Едноставноста на секој збор води до основниот квалитет и вредноста на поставките, со што можат да комуницираат со читателите и гледачите од секоја возраст. Алексиќ умешно овековечил варијација на вечна тема извлечена од прашинките на исконот, донесена пред нашето денешно вџашено сознание за вистината за контрастот меѓу однесувањето и послушноста кон другите и непослушноста кон своето битие, рече рецензентката Емилија Колевска во освртот кон драмите, пред сѐ кон „Најефтината свадба“.

Алексиќ работел четири децении како учител во Крива Паланка и Кривопаланечко, а во својот работен век бил општествено ангажиран во повеќе сфери од животот, меѓу кои културно - уметнички и литературно-сценски активности.

Издавач на драмите е НУ Центар за култура Крива Паланка, рецензент е Емилија Колевска, а подготовката на делата и промоцијата се реализираа во соработка со ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка. ид/мд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан