• сабота, 16 ноември 2024

Промовирани аудиовизуелни записи од поезијата на Блаже Конески

Промовирани аудиовизуелни записи од поезијата на Блаже Конески
Скопје, 8 јули 2021 (МИА) - Аудиовизуелни записи од поезијата на Блаже Конески, подготвени на сите јазици во нашата земја и кусиот запис за животот и делото на великанот на современиот македонски јазик и култура вечерва беа промовирани во дворот на Министерството за култура. 

Видеата се изготвени во рамки на програмата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која е дел од Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик.  

Министерката за култура Ирена Стефоска нагласи дека со сите активности кои досега се реализираа, а и со оние што следуваат допрва сакаат да постигнат една основна цел. -Сакаме да ги зачуваме и да ги пренесеме на идните поколенија неговите постигнувања, стремежот кон извонредност во науката и во лингвистиката, неговата теориска и филозофска мисла, неговата уметност во поезијата и сето тоа што е целосно и темелно посветено на македонскиот јазик, книжевност и воопшто на македонската култура, истакна Стефоска. Министерката за култура се осврна на се што создал големиот Конески, во книжевната наука, во лингвистиката, во поезијата, во фолклористиката, во славистиката... Сето тоа, како што рече, покажува дека тој бил мислител кој успевал секогаш со едноставен јазик да ги искаже есенцијалните нешта на нашиот културен индентитет. -Тој е човекот кој суштински придонесува македонскиот јазик и македонската книжевност да станат дел од, како што вели самиот, светскиот литературен процес, рече Стефоска, која пред присутните прочита извадок од есејот „Мигот“ од Блаже Конески. Посетителите проследија кратко видео за животот, делото и творештвото на Блаже Конески, збогатено со изјави на негови студенти, колеги, соработници... мд/дма/

Остани поврзан