• сабота, 23 ноември 2024

Промовирана стихозбирката „Сон, јаве или привид“ на Зоран Јакимоски

Промовирана стихозбирката „Сон, јаве или привид“ на Зоран Јакимоски
Охрид, 9 април 2022 (МИА) – „Сон, јаве или привид“ е новата стихозбирка на поетот и писател Зоран Јакимоски, што вечерва беше промовирана во Охрид. Во стихозбирката застапени се 30-тина песни поделени во четири циклуси, кои се насловени како, Сон, Јаве, Или привид и Ад хонор. Насловот, според авторот, е настанат на крајот на средношколските денови, кога ги имал првите обиди за пишување поезија, но повторно се вратил поради содржината на песните и неговата актуелност. - Насловот се меша во секојдневието, јавето, стварноста. Понекогаш се доведуваме во ситуација кога незнаеме што е јаве, што е сон, а што привид. Онаа стварност, која ние поетите често ја прикажуваме можеби не онака реално каква што е, туку каква што ние ја збогатуваме, замислуваме или посакуваме. Оттаму доаѓа и насловот, појасни Јакимоски. Најчеста инспирација во неговото творештво, вели дека е татковината, работите од секојдневието, проблемите со кои се соочуваме, како пандемијата со Ковид-19, воените состојби, но и вечните теми, љубовта, смртта... Промоторката, Јулијана Величковска заклучи дека најспоменувани теми се библијата и библиските мотиви, жената, како и еротска и љубовна поезија. - Поетот на необичен и многу вешт начин ја поврзува љубовта со чуството на револуцијата, војните, немирот што го носела во себе, немирот што поетите го носат во себе и потребата да гледаат на светот поинаку од обичните луѓе, но и она што како порив го чуствуваат да ги запишат своите мисли и како го гледаат светот, рече Величковска. Охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски забележа дека поетите од „провинција“ се уште го чуваат македонскиот јазичен дух. - Има плејада на поети, кои нешто пишуваат на македонски ама не се чувствува како македонски јазик, нешто како преведено од некаде. Зоран направи годинава книга кој е исклучителна и мора да се прочита многу внимателно. Не верувам дека во годишната македонска продукција ќе има некоја што ќе е со неа рамна или на исто ниво, заклучи Димоски. Книгата „Сон, јаве или привид“ е плод на неколку годишното работење на Јакимоски. Ова е 11-то негово дело, а 10-та јубилејна збирка поезија. сс/рп/

Остани поврзан