• понеделник, 23 декември 2024

ЗНМ промовира публикација за заштита од стратешки тужби

ЗНМ промовира публикација за заштита од стратешки тужби

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) – ЗНМ промовираше публикација „Анализа: Како до поефективна заштита од стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPP)“, што е прв водич во Западен Балкан којшто прави обид да дефинира што е тоа стратешка тужба и кои се карактеристиките на овој тип на тужби или притисоци.

Една од главните цели на публикацијата, која беше промовирана денеска во Клубот на новинари во Скопје, како што беше посочено, е да се придонесе кон подигнување на свеста за ризикот што го имаат овие т.н. стратешки тужби коишто се во постојан пораст.

На промоцијата, извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, посочи дека таа е многу важна за правата на медиумските работници бидејќи го дефинира поимот стратешка тужба во контекст на нашата земја.

-  Публикацијата го дефинира поимот стратешка тужба во контекст на Македонија, кои се карактеристиките на овој тип на тужби, бидејќи понекогаш и не станува збор за класична тужба, може да биде и едноставно одредена ревизија, одредена активност од страна на регулатор или инспекторат кон медиум или кон субјекти што се дел од медиумите, и на еден начин публикацијата ги зема трендовите што се актуелни во контекст на Европската Унија, имаме препораки од Советот на Европа, имаме препораки од Европската Комисија и прави напор да ги систематизира во локален контекст, нагласи Секуловски.

Тој истакна дека ЗНМ во последните осум години води јавен регистар со сите регистрирани напад и повредите на правата на медиумските работници.

-   Ако правиме една паралела околу самите типови на повреда на права, порано типични беа оние физички напади и закани на медиумските работници, пред се на терен, за време на протести, за време на собири, меѓутоа во последните години карактерот на овие напади имаше своевремена еволуција и сега се многу посуптилни и најчесто тие закани по правата на новинарите се преку злоупотреба на тужбите, меѓутоа и преку злоупотреба на институциите од страна на оние коишто тепале, сега практично тужат, рече Секуловски.

Најави дека во иднина Здружението освен што ќе продолжи да дава бесплатна правна помош и правен мониторинг, меѓутоа и застапување на суд на сите новинари, членови на ЗНМ коишто имаат проблем со ваков тип на тужби исто така ќе се обиде да го актуелизира овој проблем дополнително бидејќи, како што кажа, една од целите на оваа публикација е да ја крене свеста кај пошироката јавност дека понекогаш оние што глумат дека бараат правда практично го злоупотребуваат инструментот на тужба за да ги напаѓаат новинарите, а со тоа го напаѓаат и јавниот интерес.

Правникот Жарко Алексов истакна дека проектот содржи две компоненти, образовна и следење на слапп.

-  Анализата се состои од три основни дела, првиот дел е дефинирање на SLEEP, беа анализирани релевантни домашни и меѓународни акти и документи, вториот дел беше насочен кон практичниот аспект на оваа анализа, беа спроведени интервјуа со судии, адвокати и новинари и третиот дел ги дава насоките коишто ќе им помогнат на сите за полесно да се утврди што всушност претставува овој феномен, нагласи тој.

Алексов нагласи дека генерално овие тужби се злонамерни и нивната цел не е да се бара правда, туку се насочени психички и физички да ја истоштат другата страна, со тоа што се постигнува ефектот на одвраќање.

-  Една од анализите укажува на тоа дека овие тужби се во постојан раст. Организација која што обединува поголем број на организации кои што ги следат овие тужби имаат утврдено дека во последните 13, 14 години има рапиден пораст на стратешките тужби против учество до јавноста, истакна тој и додаде дека нашата земја е една од десетте со најголем број на вакви постапки во Европа, и дека најчести жртви во овие случаи се новинарите.

Жарко Хаџи Зафиров, адвокат и правен експерт посебно во делот на европската конвенција за човекови права, учествувал во обработката на практичниот дел од анализата.

 - Анализата е повеќе фокусирана на новинарите, затоа што SLEPP не значи стратешко застапување каде што учествуваат и новинари, туку тоа значи дека стратешко застапување против јавно учество на сите кои што имаат улога на критичари на определена политика која што е јавна и се спроведува од страна на државата или од страна на други групи, истакна тој.

Како заклучок на анализата истакнаа дека треба да се преземат три типа на мерки, првиот тип на мерки е дека треба да има една широка акција во однос на подигање на јавната свест што значи SLEPP за да може да реагираат, второ е да се размисли дали треба да се интервенира легислативно, всушност да се предвидат определени заштитни механизми во рамки на процесните закони и третата работа беше на кој начин ќе се дојде до едукација на сите овие чинители на самиот процес. сан/aa/

Фото: МИА

Остани поврзан