• сабота, 23 ноември 2024

Промовирана онлајн едукативна платформа за медиумска и дигитална писменост за наставници 

Промовирана онлајн едукативна платформа за медиумска и дигитална писменост за наставници 

Кавадарци, 6 јули 2024 (МИА) - Онлајн едукативна платформа за медиумска и дигитална писменост за наставници во основни училишта е изготвена со цел да ја зајакне медиумската и дигиталната писменост, нудејќи им на наставниците ресурси и обука што им се потребни за подобрување на своите компетенции за полесно снаоѓање низ дигиталниот пејзаж и да ги научат своите ученици да распознаваат веродостојни информации, да ги разберат опасностите од дезинформации и да практикуваат безбедни онлајн навики. За ова попладнево информираше Зорица Милкова од Кавадарци, координатор на проектот, финансиран од Американската амбасада. Проектот е именуван „EduCyberGuardians“, а освен неа, како наставничка во основното училиште „Тошо Велков – Пепето“, во тимот се и настаничката Биљана Стојановска од „Свети Кирил и Методиј“ Центар, Скопје и ИТ експертот за сајбер безбедност Александар Ацев. 

Таа појасни дека платформата се состои од онлајн интерактивен курс за обука на наставниците, како и дел кој содржи насоки и придружни материјали за да ги поттикне наставниците да развијат свои приспособени изборни програми за реазлизација во нивните училници.

- Целта е да се стремиме медиумската и дигиталната писменост да биде вграден дел од основното образование. Со зајакнување на компетенциите на наставниците со актуелни квалитетни алатки и знаење, платформата ќе се стреми да поттикне иднина каде што младите ученици не се само пасивни консументи, туку информирани и критички настроени корисници на медиумската и дигиталната содржина,  нагласи Милкова. 

Таа рече дека оваа платформа всушност е производ на тимот, после кампот за медиумска писменост „Справување со дезинформации преку образование" што се одржал во Охрид. свд/аа/


Фото : Зорица Милкова

Остани поврзан