• сабота, 23 ноември 2024

Проекции на „Еве, и јас танцувам“, „Вика!“, „Земја во фокус – Данска“ и „Спроти ветрот“ вечер во рамките на „МакеДокс“

Проекции на „Еве, и јас танцувам“,  „Вика!“, „Земја во фокус – Данска“ и  „Спроти ветрот“ вечер во рамките на „МакеДокс“

Скопје, 24 август 2023 (МИА) - Четири документарни остварувања на локации во Куршумли-ан, Сули-ан и на платото пред Музеј на Македонија во Скопје ќе бидат прикажани вечерва во рамки на 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

На програмата во Куршумли-ан, се краткиот документарец „Еве, и јас танцувам“ на Мохамад Вализадеган, чија приказна зборува за танцот како начин на себеизразување, но и за забраните за танцување во Исламската Република Иран, додека долгометражниот документарен филм „Вика!“ на Агњешка Цифка ја раскажува животната приказна на 84-годишната харизматична и колоритна диџејка Вика, која е вистинска ѕвезда на варшавските ноќни клубови.

Како што е најавено, во Сули-ан ќе биде прикажан последниот филм од програмата „Земја во фокус – Данска“. Станува збор за долгометражниот документарен филм „Музика за црни гулаби“ на Андреас Кофуд и Јурген Лет, кои ги отвораат прашањата дали е можно емоциите на музиката да се пренесат со зборови.

На платото пред Музеј на Македонија, репризно ќе биде прикажан документарниот филм „Спроти ветрот“ на индиската режисерка Сарвник Каур, каде монтажери на филмот се Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а композитор на музиката е Игор Василев – Новоградска.

Пред почетокот на филмската програма во Куршумли-ан ќе се одржи церемонијата на објава и доделување на наградите на 14. „МакеДокс“. Фестивалот секоја година ги доделува наградите „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и Награда за најдобри етички идеи.

На последната сесија од годинашните „Разговори под смоквата“, кои ќе се одржат од 18 часот во Куршумли-ан, ќе учествуваат членови на комисиите кои одлучуваа за фестивалските награди.

Годинашното издание на „МакеДокс“ со мотото #пресечи (#cutit) се одржува од 17 до 24 август со тематски фокус на монтажата на документарниот филм. На фестивалот се прикажаа 75 филмски остварувања и присуствуваа над 100 гости и филмски автори од странство.

Годинава фестивалот „МакеДокс“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Амбасадата на Кралството Шпанија, Францускиот институт, Грчкиот културен центар, Данскиот филмски центар, МЕДИА деск МК, Документарното здружение на Европа, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, Националната галерија на РСМ, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ - Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.бт/аа/

Фото/ „МакеДокс“

Остани поврзан