• среда, 25 декември 2024

Проект на Хера и Реактор за работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите

Проект на Хера и Реактор за работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите

Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - Детална анализа на состојбите и потребите од центри за советување на мажи во Република Северна Македонија, со фокус на родово заснованото насилство и воспоставување центри за советување на мажи во соработка со релевантните институции се клучните предвидени активности кои ќе бидат дел од проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите во Република Северна Македонија“ што во следната година ќе го спроведуваат Реактор и ХЕРА.

На заедничкиот состанок меѓу Реактор – истражување во акција, ХЕРА Aсоцијација за здравствена едукација и истражување и претставници на институциите, кој се одржа вчера, присутни беа и претставници на релевантни институции од земјата, вклучително и Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, кои ги споделија своите заложби за натамошното подобрување на состојбите со родово базираното насилство и го поддржаа проектот, кој ќе трае до ноември 2022 година.

- Главната цел на истражувањето е преку мапирање на потребите и консултација со поширок круг на претставници на национални институции и релевантни чинители, како и анализа на состојбите преку постојни извештаи и објавени бази на податоци, да се оформат препораки кои ќе овозможат да се воспостави ефективна примарна превенција на родово базирано насилство, мулти-професионална поддршка и работа со сторителите преку пристап кој е фокусиран на безбедноста на жртвите, како и да се формираат центри за сеопфатна поддршка и советување на мажите за превенција на родово-базирано насилство, охрабрување на родова еднаквост и вклучување на мажите во доменот на грижа, велат од Реактор.

Со проектот, како што велат, ќе помогнат во спроведувањето на акцискиот план на Истанбулската конвенција така што ќе го подобрат пристапот до услуги за превенција и заштита од родово засновано насилство. Дополнуваат дека проектот предвидува и изработка на финансиска анализа за воспоставување на советувалишни центри за превенција на насилството кај мажи и за работа со сторители на насилство, а воедно, ќе биде формирана и експертска група и ќе бидат изготвени тренинг-програми кои ќе го овозможат воспоставувањето на овие центри. ар/дма/

Остани поврзан