• среда, 25 декември 2024

Проект за санација и ревитализација на стариот чинар во Охрид

Проект за санација и ревитализација на стариот чинар во Охрид
Охрид, 2 ноември 2020 (МИА) – Општина Охрид во Програмата за заштита на животната средина и природата за тековната година обезбеди и средства за санација и ревитализација на стариот чинар што се наоѓа на истоимениот плоштад на почетокот на Чаршијата во центарот на градот. Зафатот предвидува целосна реконструкција на плоштадот, со одвоени средства за ревитализација на дрвото што е природна реткост и еден од најпрепознатливите симболи на градот. Тендерот за изведување на проектот е избран, склучен е договор со изведувачот, а санацијата на чинарот треба да отпочне после завршувањето на вегетацискиот период на дрвото, што секако во најголема мера ќе зависи од временските услови. Дрвото за кое се верува дека го посадил Свети Климент пред повеќе од илјада години, со векови наназад беше најпрепознатлив симбол во Чаршијата и мотив на многу слики и фотографии.  Последниот зафат за заштита на дрвото беше спроведен пред осум години кога шупливиот централен дел од стаблото беше пополнет со пурпена, а кората обвиткана со шиндра, решение што не даде некакви позначајни резултати. Дрвото моментално е во лоша кондиција, но вегетацијата во крошната покажува дека се уште чинарот одолева на годините и елементите така што правилна ревитализација секако може да го продолжи неговиот живот. аб/аа/

Остани поврзан