• сабота, 23 ноември 2024

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Со серија културни настани кои ќе се одржат во шест градови во државата од денеска до почетокот на јуни,  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар, ќе ја подигаат свеста за родовата еднаквост. Овие настани се дел од проектот „Простор за разговор“ поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.

Целта на настанот е преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс, изведен од танчерите на Скопје танцовиот театар да го зајакнеме чувството на припадност кон заедницата, да ги искорениме стереотипите и да ги зајакнеме младите,маргинализираните и социјално ранливите лица.

-Настанот „Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост. Преку активна вклученост на публиката и интеракција со неа очекуваме да се доловат лични искуства, вистински приказни на лица од нашето опкружување и соочувањето со родовата нееднаквост која постои. Истовремено, преку дискусиите за време на настаните градиме силни заедници кои ја разбираат важноста на почитувањето на правото на еднаквост како главен предуслов за мир и развој во средината во која живееме. Сите сакаме здраво, хумано и грижливо општество во кое младите се информирани, слушнати и поддржани преку разбирање и прифаќање на родовата еднаквост која е основа за слободен израз и остварувањето на сечиј потенцијал, велат организаторите.

Настаните ќе се одржат во повеќе градови во периодот од 20. мај до 4. јуни годинава. Првиот перформанс ќе се случува на сцената во Домот на културата во Куманово денеска, во 12 часот. Следниот ден на 21 мај, во 12 часот во Штип на сцената на Мултимедијалниот центар на УГД,  на 22 мај во 12 часот, во Велес, на малата сцена Народен театар „Јордан Хаџи-Константинов – Џинот“, а на 23 мај во 12 часот во Битола на новата сцена на Народниот театар и Дом на култура. Настанот „Простор за разговор продолжува на 3 јуни во 20 часот во Охрид во Младинскиот центар и на 4 јуни во 12 часот во Струга на сцената на Домот за култура. дма/вг/

Фото: Плакат

Остани поврзан