• вторник, 24 декември 2024

Комисиската расправа за избор на Љубомир Јовески за уставен судија продолжува попладнево

Комисиската расправа за избор на Љубомир Јовески за уставен судија продолжува попладнево

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Во Собранието денеска требаше да продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата со дебата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде избран за уставен судија, но нејзиното продолжение беше одлежено на барање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, со цел да им се овозможи на дел од челновите да учествуваат на заседанието на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

Милошоски посочи дека седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажитекоја била претходно закажана и според Деловникот на Собранието, пратениците имаат право да присуствуваат на она заседание за кое порано добиваат известување. По ова претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска информира дека седницата ќе продолжи попладне.

На крајот на октомври минатата година Собранието ги избра судијата од Апелацискиот суд во Скопје, Фатмир Скендер и советникот за граѓанско законодавство, Татјана Васиќ-Бозаџиева за нови уставни судии, и двајцата на предлог на СДСМ.

Од друга страна, од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка од Комисијата. Партијата како свои кандидати за уставни судии ги предложи универзитетскиот професор Саво Климовски, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, Тодор Витларов, судијата во пензија Бранко Секуловски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид Воислав Димовски, судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорката Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав, бидејќи од девет члена на четворица им е истечен мандатот. фф/сп/

Остани поврзан