• среда, 25 декември 2024

Продолжува објаснувачкиот скрининг со ЕУ, започна објаснувачката анализа за вториот кластер - Внатрешен пазар

Продолжува објаснувачкиот скрининг со ЕУ, започна објаснувачката анализа за вториот кластер - Внатрешен пазар
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Во Европската комисија во Брисел продолжуваат објаснувачките скрининг состаноци, а денеска почна објаснувачката анализа за вториот кластер - Внатрешен пазар, со посебен акцент на поглавјето 4 - Слободно движење на капиталот. Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач на Северна Македонија со Европската Унија, Дрита Абдиу Халили истакна дека земјава има направено низа промени во однос на усогласување на националното законодавство со ЕУ во областа на Слободно движење на капиталот.

Целосното усогласување со регулативите на Европската Унија, како и доследното спроведување на националните регулативи обезбедува висок степен на стабилност на финансискиот систем на Северна Македонија.

Како што посочуваат од СЕП, земјава веќе постигна високо ниво на финансиска интеграција со Европската Унија и успешно го следи патот кон целосна хармонизација.

Европската комисија презентираше збир на регулативи и директиви на Европската Унија во различни области на финансиски услуги како што се: директива за хартиени обврзници, регулативи за инвестициски фирми, пакетот за закрепнување на пазарите на капитал, предлог пакетот за 2021 година за работата на банките од страна на Европската комисија како и многу други области каде што имало промени во законодавството на ЕУ, кои мора да се усогласат и да се рефлектираат во законодавството на нашата земја.

Слободното движење на капиталот претставува еден од основните столбови на Европската унија заедно со движењето на стоки, луѓе и услуги. Вклучува широк опсег на политики кои обезбедуваат поголем просперитет, економска благосостојба, нови работни места и слободно движење на капиталот. Слободното движење на капиталот е основата на слободниот пазар на ЕУ. Европската комисија денеска претстави делови од новата ЕУ легислатива во однос на борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Во текот на наредната недела ќе продолжат седниците на објаснувачкиот скрининг за Кластер 2, кој се очекува да биде завршен за две недели, по што ќе се продолжи со Кластер 3 - Конкуретност и инклузивен раст. На 27 септември заврши објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер „Темели“ или „Фундаментални вредности“ на ЕУ, во којшто се опфатени владеењето на правото, политиките на добро владеење, реформите во јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии. На 8 ноември се очекува да започне билатералниот скрининг со ЕУ и ќе се одвива паралелно со објаснувачкиот. Во објаснувачкиот скрининг ЕУ дава ажурирање на се она што е ново во законодавството, со оглед на тоа дека се поминати неколку години од првите објаснувачки состаноци што ги имаше земјава со Унијата во 2019 година. Во билатералниот скрининг, пак, државава ќе треба да го презентира степенот на усогласеност на законодавството со ЕУ, календар за натамошното усогласување, начинот на градење инстиуционални, административни и останати капацитети за точно имплементирање на европските стандарди. Скринингот за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ официјално почна на 15 септември, и според очекувањата ќе трае до ноември 2023 година. нд/лв/

Остани поврзан