• сабота, 23 ноември 2024

Продолжува комисиската расправа за кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија

Продолжува комисиската расправа за кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија

Скопје, 15 септември 2022 (МИА) – Во Собранието на Република Северна Македонија и денеска попладне продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен од страна на владејачките партии.

Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, уставните судии се бираат по желба и нарачка, а не по професионалност и способност. Пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска посочи дека јавниот обвинител Јовески, како што рече, се истакнал во својата професија со тоа што не реагирал на голем број криминали. - Дали Уставниот суд, овој суд што сакате да го направите по мерка, ќе функционира како што треба? Не, бидејќи членот што сакате да го ставите во него, не реагирал како обвинител во 2017 година, посочи таа, нотирајќи повеќе случувања кои ги именуваше како „афери“ од изминатите години. Во првиот дел од денешната седница пратениците од опозицијата посочија дека власта со вакви кандидати за уставни судии ќе го партизира Уставниот суд и сите институции. Членовите на оваа Комисија изминатите денови дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ. Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот. ар/са/

Остани поврзан