• петок, 05 декември 2025

Продолжи изградбата на Кејот од десната страна на на Вардар во Велес

Продолжи изградбата на Кејот од десната страна на на Вардар во Велес

Велес, 23 мај 2025 (МИА) - По повеќемесечен прекин деновиве продолжија градежните работи за изградба на Кејот од десната страна на Вардар во Велес за уште 200 метри на потегот од Мало Мовче до Стар Мост.

Како што информира на прес-конференција градоначалникот Марко Колев работите кои требаше да завршат лани беа повеќе месеци запрени поради нискиот водостој на Вардар, но и студените месеци изминатата зима.Тој најави дека работите интензивно се изведуваат и ќе завршат во краток рок. Воедно потенцира  дека и градежните фирми кои работат на негова изградба се соочени со недостиг на работници.

-Нивото на Вардар секогаш значи закочување или продолжување на работите на Кејот.Затоа што кога има голем водостој, а повеќе месеци имавме голем водостој на Вардар  не можеше да се работи,затоа што зголеменото ниво на Вардар го поплавува и веќе изградениот Кеј. Тоа беше првата причина, а втората бидејќи не фатија зимските месеци,ноември,декември, имавме ниски температури и висок водостој и повторно беа стопирани работите.Можете да забележите дека деновиве интензивно се работи  и се надевам дека за кратко време работите ќе бидат целосно завршени, најави Колев.

Инаку целиот кеј од десната страна на Вардар во централното подрачје на Велес е во вкупна должина од 400 метри.

Градежните работи на десната страна на Вардар од Новиот мост „Гемиџии“ до Мало Мовче во должина од 200 метри,односно првата фаза  заврши на почетокот на јануари минатата 2024 година,а по што требаше да заврши изградбата на уште 200 метри, на која работите продолжија деновиве.

Инаку изградбата на кејот на реката Вардар од десната страна во Велес  во првите 200 метри беше дел од проектот „Креативни можности во туризмот“ финансиран со средства од ЕУ преку проект за прекугранична соработка.

Во рамки на овој проект беше најавено да се постават и клупи и друга урбана опрема на кејот како и киосци за продажба на сувенири од Велес.

Инаку кејот од левата страна на Вардар во Велес беше изграден уште пред 20 години.

Градоначалникот Колев, воедно најави  дека во план  и  продолжување на кејот  од левата страна на Вардар, а  на потегот од Стар Мост до ресторант „Пармакот“. ад/

Фото МИА 

 

Остани поврзан