• среда, 05 март 2025

Пријатели на Џин Хекман сведочат за неговата повлеченост пред смртта

Пријатели на Џин Хекман сведочат за неговата повлеченост пред смртта

Санта Фе, 5 март 2025 (МИА) - Истрагата за мистериозната смрт на двојниот „оскаровец“ Џин Хекман (95) и неговата сопруга Бетси Аракава (63) во нивниот дом во Санта Фе, Ново Мексико, САД, откриваат извесни промени во животните навики во последните месеци од животот на парот, пренесува „Пипл“ (People).

Инаку, иако првично се сомневаше дека труење со јаглерод-моноксид може да биде причината за нивната смрт, шерифот на Санта Фе, Ејдан Мендоза ги отфрли тие наводи. Хекман и Аракава биле најдени мртви во различни соби, но немале надворешни знаци на насилство. А пак, пејсмејкерот на Хекман укажува дека тој бил мртов најмалку седум дена пред да биде пронајден.

Познаници на семејството ги споделија своите впечатоци за парот. Според наводите, Хекман, кој претходно редовно возел велосипед, во последно време сѐ повеќе останувал дома и бил сѐ помалку активен.

- Бетси направи сѐ што може за да го задржи активен и ангажиран... Хекман практикуваше јога преку „Зум“ и решаваше загатки - за да го одржи и умот активен. Аракава, исто така, ги преземаше сите мерки на претпазливост, како носење маска за време на корона-пандемијата, за да го заштити, раскажува Арон Ленихан, пријател на двојката.

И друг пријател на пензионираниот глумец - Даг Ланам ги потврди овие наводи и истакна дека Аракава секогаш внимавала на нивната исхрана и здравје.

- Тие беа еден од најсилните парови што некогаш сум ги видел... Секогаш изгледаа како вистински животни партнери, исклучително блиски и многу љубезни со сите околу нив, изјави Ланам за „Ти-ем-зи“ (TMZ).

Лесли Ен Хекман, ќерка на Хекман од неговиот претходен брак со Феј Малтез, рече дека немало „индиции за какви било здравствени проблеми“ со татко ѝ пред неговата смрт. Ова, се чини, е спротивно на некои сведоштва, но Лесли Ен, исто така, откри дека со месеци не се чула со татко сѝ.

Шерифот Мендоза нагласи дека истрагата е сè уште во тек и се работи на разјаснување што точно се случило последниве месеци со парот. Како еден од предметите, зачувани во истрагата, се споменува календар најден во нивниот дом. Целосните токсиколошки извештаи се очекуваат за неколку месеци.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан