Притворениот градоначалник на Истанбул пет часа сведочеше пред судот
- Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше уапсен под обвинение дека е поврзан со група вмешана во корупција, мито и помагање на терористички активности, го заврши петчасовното сведочење пред судот, објавија денеска турските медиуми.

Анкара, 22 март 2025 (МИА) - Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше уапсен под обвинение дека е поврзан со група вмешана во корупција, мито и помагање на терористички активности, го заврши петчасовното сведочење пред судот, објавија денеска турските медиуми.
На прашањето за неговиот недвижен имот, возила и други средства, Имамоглу одговори дека целиот свој имот го пријавил во надлежните служби и дека неговата месечна плата изнесува 250.000 лири (околу 6.000 евра).
За време на полицискиот распит за наводните кривични дела „основање и управување со организација со цел извршување на кривично дело и припадност на организација основана заради извршување на кривично дело, поткуп, местење понуди и изнуда“, Имамоглу не се изјасни. Тој рече дека не се занимава со овие прашања и дека силно и одлучно ги негира сите обвинувања, пренесува турската телевизија ТРТ Хабер.
На прашањето дали повторно би се изјаснил бидејќи не одговорил на некои прашања, Екрем Имамоглу одговори кратко - „не“.
Имамоглу беше уапсен во средата за време на рација во неговата резиденција, само неколку дена пред да се очекува да биде номиниран за претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија на прелиминарните избори в недела.
Од апсењето на Имамоглу, илјадници луѓе се собраа во градското собрание на Истанбул на ноќни собири, а дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата во Истанбул, главниот град на Турција, Анкара и третиот по големина турски град, Измир.
Приведувањето на Имамоглу, предизвика масовни протести, и покрај тоа што властите ги зајакнаа безбедносните мерки на бројни централни улици и ги забранија сите собири и демонстрации во градот до недела.
Коментирајќи претходно за затворањето на Имамоглу, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборуваше за обидите на опозицијата да изврши политички притисок врз полицијата и судството.
Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч апелираше да не се одржуваат улични протести по приведувањето на Имамоглу, истакнувајќи дека оваа ситуација на никаков начин не е поврзана со Ердоган. мс/
фото: МИА архива