• сабота, 23 ноември 2024

Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел (ДПЛ)

Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел (ДПЛ)

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) – Околу 85 македонски државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје. Според изјавите на дел од патниците, стравувајќи за својот живот, по престој во различни места во Израел, решиле да се вратат дома. 

- Седевме седум месеци, како туристи. Супер ни беше, многу убави спомени имам, но, ете, се случи ова, многу лошо. Ние бевме во Ашдод. Таму останаа неколку Македонци, рече Марица Јаневска од Куманово, патник во авионот.

Патникот Саше Јовановски е благодарен што пристигнал дома на време.

- Верувајте дека не е лесно. Сепак јас бев во тој дел каде што немаше многу конфликти, рече тој, дополнувајќи дека очекува и другите македонски државјани да се вратат.

Во авионот денеска имаше патници и од Србија и од Црна Гора. И за нив, враќањето дома е спас од тамошната ситуација.

- Стана опасно на улица, не можеше да се издржи, рече еден од патниците.

Според друг патник, најлошото допрва доаѓа.  - Живеев таму девет месеци, беше сигурно во крајот во кој што живеев, но мислам дека најлошото допрва доаѓа, рече тој.

Според изјавите на патниците, на летот имало повеќе од 70 патници од Србија, а имало и Албанци и Црногорци.

- Не бев исплашен за враќањето, сакав да останам, но штом падна првата бомба на местото каде што живеев, одлучив да се вратам, рече уште еден патник.

Согласно одлуката донесена од страна на Владата, беше организиран авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив - Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот. 

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво - Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.

- Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Владата. 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција вчера информираше дека од Израел се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош, а за денеска, како што кажа, се очекуваше да бидат вратени уште 90 граѓани. ар/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан