• вторник, 03 декември 2024

Пристап до објекти, образование и вработување - најчести предизвици за лицата со попреченост

Пристап до објекти, образование и вработување - најчести предизвици за лицата со попреченост

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Проблематиката и дебатата околу тоа како да се подобри квалитетот на живот на лицата со попреченост, и како сè тоа напредува, во македонското општество се присутни со години и десетлетија. Според најзасегнатите, крајно време е зборовите и заложбите да се преточат во конкретни дела.

МИА праша неколку луѓе со попреченост - што сè треба да се подобри во таа смисла, на што добивме повеќе одговори. Како најчест предизвик со којшто се соочуваат овие лица е пристапноста, поточно полесната достапност до образование, вработување, ангажман, пристап до информации и непречено движење и физички пристап до одредена установа.

- Насекаде пристапни рампи, полесни вработувања, пристапност до салите за културни настани со седишта, звучни семафори насекаде, рампи во јавниот превоз, како и можност да влезат и излезат, без (лицето) да биде турнато. Можност да учат и студираат што сакаат, но и да го работат истото, на пимер глума, манекенство, фотомоделство. Сè на сè, живот како и сите други, вели Марга Велеска, која е писателка и лице со попреченост. 

Честопати, и јавните институции се голема пречка во остварувањето на правата на граѓаните.

- Институциите мора да станат алатки за правда, а не за омаловажување на човековите права и да ги штитат моќниците. Чувството дека си потполно напуштен од системот е полошо од слепилото, тоа е чувство дека си невидлив, дури и кога најгласно врескаш за правда... Медиумите, кои треба да бидат огледало на вистината, станаа место каде што приказните како мојата исчезнуваат. Мојата приказна не е само моја. Таа е приказна за секој што е игнориран, заборавен и напуштен од системот, нагласува Стојче Иваноски.

Личе Ташкова, која живее во странство, вели дека, за едно општество да функционира како целина, неопходно е, пред сè, меѓусебно да се поддржуваме, надоградуваме, помагаме - во секоја област.

- Како секоја индивидуа, така и лицата со посебни потреби имаат свои потреби, желби, соништа... Секој од нас има своја визија и перцепција кон животот. Tреба да се анализираат потребите, можностите и идеите на секоја индивидуа, разумно, емпатично, солидарно, без предрасуди. Да има соодветен пристап до секоја институција, бесплатен превоз, бесплатно здравство, паричен надоместок, асистент кој ќе стои на располагање во училиштето и кога лицето со попреченост е во работен однос, лица кои би помагале околу пазарење, слободни активности. Затоа што и лицата со попреченост се како и сите други со само малку поинаков пристап и изразување на нештата и покрај предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат. Со топла насмевка и очи полни надеж посакуваме подадената рака да биде фатена за да можеме да покажеме дека умееме, можеме, сакаме, знаеме и заслужуваме да твориме во општеството за да ја постигнеме своја цел, вели Ташкова за МИА.

И другите наши соговорници ја истакнаа важноста од подигањето на јавната свест - и кај македонските институции, но и кај луѓето воопшто. Повеќемина се согласни дека лицата со попреченост сè уште се соочуваат со предрасуди, неприфаќање и дискриминација во средината каде што се движат.

- Мислам дека, пред сè, би требало да има установи каде што заедно ќе се дружиме, и за муабети, за игри, за социјализација... Потоа развојот на центрите да нè прифати какви што сме. Да нè охрабрува... Да бидат катче за наша потпора, вели Викторија Давидова. 

Прашана, со какви предизвици се соочува таа самата, вели дека културата на луѓето понекогаш е на доста ниско ниво, посочувајќи го јавниот превоз. Во таа смисла, Викторија вели оти некои луѓе немаат обѕир дека треба да направат место за лицето со тешкотии во движењето да пројде, да седне и слично.

- Општеството има слух, но малку создава на дело. Секојдневието е тешко за „инвалидот“ во Македонија и тој живее блиску до маргините. Институциите се релативно пристапни однадвор, но не и внатре и сè околу нивниот кадар и дополнителните потреби, од типот ракофати, тактилни патеки, аудио системи итн. За образованието ќе го кажам истото - дека делумно е направено, но недоволно и нецелосно, истакнува Христина П., претставничка на здружението „Мобилност“.

Општо земено, се добива впечаток дека нештата се придвижуваат на подобро, но недоволно и треба уште многу да се работи на тоа, особено во помалку урбанизираните населени места. 

- Од овие, горенаведените прашања, ниту едно го немаат почувствувано лицата со попреченост. Во руралните средини сме најизолирани од сè, истакнува Лука У. 

За справување со овие предизвици неопходно е ангажирање на властите на сите нивоа, а пред сè на локалните, со оглед дека секоја општина треба да создава соодветни услови за непречен живот и благосостојна на сите свои граѓани. За таа цел, МИА побара изјави од десет градоначалници на скопските општини и од градоначалничката на Град Скопје. Добивме одговор од осум општински градоначалници, како и од градоначалничката Данела Арсовска. 

- Во Градот Скопје преземаме навистина голем број на активности коишто имаат за цел пoдобрување на квалитетот на животот на сите лица со попреченост, без разлика на видот на попреченоста и работиме активно на тоа континуирано, сите овие активности, особено делот на програмите и мерките коишто ги имплементираме, да се зголемуваат. Дел од нив се подобрување во социоекономскиот дел којшто треба да се имплементира како мерки, а останатите, нормално - да се олесни движењето на лицата кои се со попречености, изјави Арсовска.

Меѓу тие проекти е и зголемувањето на бројот на возила (сега вкупно 11) за бесплатен превоз низ Скопје за лицата со попречености. Се преземаат и мерки за подобрување на инклузивноста во сите процеси во рамки на градот.

- Тоа е (така) во сите институции. Од една страна работиме на тоа да може и во спортски активности да бидат континуирано вклучени, без разлика на попреченоста. Секоја година набавуваме средства и реквизити на повеќе локации низ градот, коишто лицата со попреченост ги користат, со цел подобрување на психофизичкото здравје, додава градоначалничката.

Посочува дека имаат поддршка од голем број здруженија коишто работат во областа на поддржување и овозможување на дополнителни активности за лицата со попречености.

- Работиме активно секоја година да се овоможи сето она коешто на нив им е детектирано како важно. И работиме на - еве последно што имавме, беше покрај оние возила коишто ги напоменав, што ги набавивме, и што ќе ја овозможуваат услугата на мобилност, а исто така, и на електромотори коишто се составен дел на надградбата на количките што ги користат лицата со попреченост, истакнува Арсовска.

Вели дека тоа се скапи помагала што, вообичаено, преку Фондот следуваат на одреден рок, на околу пет години.

- Голема е бројката на активности што ги правиме. Меѓу нив, морам да напоменам и дека сме едни од ретките кои соработуваме активно и на овозможување на подобрување на економската и финансиската стабилност на лицата со попреченост со тоа што активно имаме програми за вработување во Градот Скопје, на лица кои се со одредени видови попреченост, и можат многу лесно да се интегрираат во нашиот систем, на работно место, коешто ќе им овозможи да се почувствуваат почитувани, сакани од своите соработници, и да можат едноставно да се почувствуваат интегрирани, низ еден инклузивен процес практично да се вклучат во сè она коешто градот го прави, нагласи првиот човек на Градот.

Сè тоа се спроведува во самиот Град Скопје, т.е. во јавните претпријатија, а целта, според Арсовска, е финансиска и економска независност на лицата со попреченост.

Прашана за луѓето со попреченост кои живеат во помалку урбанизираните места, и кои се чувствуват изолирано, градоначалничката вели дека и десетте други општини во Скопје би требало самите да преземаат дејствија во населените места, со коишто лицата ќе можат да не се чувствуваат секојдневно отсечени од централното градско јадро.

- Нормално е дека за ова е неопходно да има поголемо ниво на децентрализација, што значи дека во овој момент во Македонија, не само Градот Скопје, средствата што се влеваат во општинските каси се многу мали. Со тоа, многу мал е обемот на проекти коишто можат да се имплементираат, за да може посериозни инфраструктурни проекти да се имплементираат, како би се превенирале во иднина да се случуваат вакви работи. Од страна на Градот, којшто, верувам дека малку подобро е опремен и има повеќе можности, имплементираме поголем број на активности. Овие возила што ги набавуваме, првпат после 15 години, со коишто ќе можеме на сите лица кои се наоѓаа без разлика во кој дел од градот се наоѓаат, да им ја овозможиме бесплатно да може да бидат превезени до местото каде што тоа им е исклучително важно, или пак, имаат некаква потреба, појаснува Арсовска.

Арсовска признава дека проблеми имало и ќе има и ги повикува сите чинители заедно да работат и да делуваат.

- Особено централната власт којашто ги има ресурсите, буџетите... Можам да кажам: Во споредба со општинските, односно локалните власти, (централната власт) има можеби тристакратно (поголеми) буџети за имплементација на сите овие работи што се многу важни за лицата со попреченост, нагласува Арсовска.

Според градоначалничката, важен е хуманиот аспект кон животот на секој граѓанин - без разлика дали има некаков проблем на попреченост или не, тој заслужува квалитетен живот.

- Треба сите заедно да апелираме до власта, со оние буџети со коишто тие располагаат, да бидат рамномерно распределени во сите општини и во сите населени места за да може секаде да биде развојот подеднаков, подвлекува Арсовска.

Во таа смисла, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски посочува неколку поединечни случаи каде што Општината им помогнала на лица кои живеат во поодакелени места во Црешево, Јурумлери, Хиподром и Железара.

Гази Баба, со невладините организации и здруженија на граѓани, поставува рампи за полесно движење со ортопедски колички, но доделува и ортопедски помагала за лицата со попреченост.

- Со цел полесна интеграција на овие лица во образовниот процес, пристапивме кон изградба на пристапни рампи во сите основни училишта, отворање на повеќе сензорни соби, изградба на специјализирани тоалети за децата со попреченост, поставување лифт во ОУ „25 Мај“, којшто е неопходен за да можат слободно да го обавуваат својот образовен процес децата со попреченост во тоа основно училиште. Дополнително, можеби сме една од единствените општини во Република Македонија којашто доделува стипендии за учениците со посебни образовни потреби и имаме реализирано голем број на програми и активности во оваа насока со целосна инклузија во образованието. За таа цел, како општина, сме прогласени за најинклузивна во Република Македонија. Имаме изградено и неколку пристапни рампи, направени за одредени лица со попреченост, а во таа насока ќе продолжиме и во иднина, изјави градоначалникот Стефковски.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски вели дека нема ниту едно семејство, ниту пак, лице со каква било попречност во развојот, а да не му е помогнато од Општината, или од него лично.

Во поширока смисла, тој го посочува реновирањето на тоалетите и изградбата на дополнителни пристапни рампи. 

- Можеби како круна на сè она што го правевме за лицата со хендикеп е вработувањето на Марјан Мицковски во нашата Општина. Тој е дел од нашиот тим. Тој е дете со Даунов синдром кого го вработивме во Секторот за образование и искрено би сакал да кажам дека навистина толку многу добро се снајде, и толку многу ни помага... Практично, ова нека биде порака до сите мои колеги градоначалници да имаат предвид да вработат лица со попреченост слични како Марјан, вели Костовски.

Во однос на руралните населени места, Костовски вели дека секој градоначалник треба да ги има во обѕир местата каде што живее лице со попреченост и ако има неасфалтирана улица, таа да биде приоритет во планот за урбанизација.

- Вратата на Општина Бутел е отворена за сите хендикепирани лица, или пак, некој од нивното семејство, доколку имаат каква било потреба, јас сум тука буквално 24 часа за нив и цврсто ги уверувам дека ќе најдам каков било начин да им помогнам и тоа што ќе го побараат од мене да биде обезбедено. Досега тоа беше пример и секако, ќе биде пример и во иднина. А по однос на некои крупни и поголеми проекти што би ги опфатиле сите, во овој момент не би можел ништо да кажам, но твојата средба, сега давам збор, дека ќе ме мотивира да размислам и за такво нешто. Некаков настан или нешто што ќе биде поврзано со некој покрупен проект којшто би ги опфатил сите лица за на каков било начин да им го олесниме секојдневието на лицата со хендикеп, нагласува Костовски.

И првиот човек на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакнува дека активно се работи на многу проекти, како во поурбаниот дел, така и во руралниот дел.

- Се изградија неколку детски игралишта, коишто настојувавме, особено едно од нив е централно, да биде со реквизити наменети за лицата со попреченост, односно инклузивни детски игралишта. Направивме и неколку пристапни рампи на неколку јавни институции, школи итн., коишто претходно немаа такви пристапни рампи, изјави Георгиевски.

Конкретно, тој го посочува новиот лифт за лицата со попреченост поставен во средното училиште, како и адаптираните тоалети и сензорната соба во новата училишна зграда.

- Исто така, морам да кажам дека институционалната соработка е на повиско ниво. Имаме две организации - две здруженија на нашата територија како Општина, каде што имаме потпишано меморандуми... За таа цел имаме отстапено бесплатни простории во рамки на домовите на културата. Токму едното од тие здруженија е во населеното место Миладиновци. Тоа е сместено, да речеме, во поодалечниот дел од Општината, во руралниот дел, каде што редовно си функцонираат како здружение и сите логистички работи коишто требаат за функционирање на тие здруженија се обезбедени токму од Општината, посочува Георгиевски.

Во општина Илинден се организираат и новогодишните базари заедно со здруженијата на лица со попреченост.

- За најмладите категории, редовно пред Нова година се дружиме, со посебен (настан), со новогодишни подароци, пакетчиња итн. За лицата од ранливите категории, а што учат во основното образование, пред Нова година, секогаш им доделуваме бесплатни таблети, за редовно поубаво следење на наставата, нагласува Георгиевски.

Почнат е и крупен проект, заедно со неколку невладини организации - со цел отворање дневен центар за лица со атипичен развој.

- Завршен е урбанистичкиот дел. Направен е идеен проект, најверојатно ќе следува и основен проект, што мислам дека во соработка со Министерството за социјални работи и тоа ќе биде да изградиме еден објект којшто ќе ја покрива, пред сè Општина Илинден, но и соседните општини. Овој дневен центар е замислен да биде на 260 метри квадратни и ќе ги има сите услови, согласно правилниците и важечките нормативи на државата за задоволување на потребите за еден таков дневен центар... Врвот на нашата работа би бил токму изградбата на овој дневен центар, што, како што треба - наредниве години ќе биде изграден на нашата територија, заклучува градоначалникот.

Општина Карпош, како што ни посочи нејзиниот градоначалник, со преземање на зголемените ингеренции од 2005 година, на локално ниво, во континуитет има квалитетна соработка со луѓето со попреченост.

- Најпрвин, ние направивме социјална карта за тоа колку лица со попреченост има на територија на Општина Карпош, со лесни или со умерени пречки во развојот. На територија на Општина Карпош има околу 200 лица со попреченост. Секаде каде што имаат потреба, граѓаните бараат да го олесниме нивното движење, особено во институциите, како и во станбените згради во коишто живеат лицата со попреченост. Секаде има направено пристапни рампи, за да можат во сите институции, јавни места, трговски центри, продавници, како и до нивниот дом да се пристапува сосем нормално, како и останатите граѓани, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Карпош секоја година дава финансиски средства, по повод 3 декември - Денот на лицата со попреченост, како и поддршка за набавка на лекови, банско лекување, средства за оние со лесни пречки во развојот, за набавка на статични велосипеди, компјутери за посиромашните и други помагала, како и помош за поквалитетен живот за лицата со попреченост.

- Исто така имаме договор со Црвениот крст на Македонија, и за тоа издвојуваме буџетски средства. За лицата со попреченост и сите лица кои се наоѓаат во тешка здравствена состојба, да нивно возило отиде од нивниот дом и ги транспортира до Клинички центар или друга болница на територија на Градот Скопје. Значи, тие се специјални возила, па лицето лесно може да се качи, да се симне, ако е во количка и да има полесен пристап до Клиничкиот центар и другите здравствени установи, појаснува Јакимовски.

Општината има вработено пет лица со попреченост - од кои двајца во главниот дел на Општината, а другите во месната заедница и другите помошни управни општински тела.

- Многу ревносно и многу совесно си ја извршуваат својата работа. Дури, можам да истакнам - две лица од тие многу повеќе си ја заслужуваат платата од кој било вработен во Општина Карпош, нагласува Јакимовски.

И во Општина Центар има вработено лице со попреченост, а градоначалникот Горан Герасимовски најави продолжување на инклузивниот процес и во иднина.

- Позади нас се новите реконструирани училници во училиштето „Коле Неделковски“. Може да забележите дека за секоја реконструкција, водиме грижа за сите, односно поставени се пристапни рампи... Дополнително, во новите простории имаме и лифт за лица со попреченост, посебни тоалети итн. И не само во ова училиште, туку во сите училишта на територијата на Општина Центар поставуваме пристапни рампи за лица со попреченост и ги подобруваме нивните услови и потреби, истакнува Герасимовски.

Сензорни соби се поставени скоро во сите училишта, вели, за децата кои имаат потреба од дополнителна помош од наставниот кадар.

- Како општина вложуваме многу и во делот на образовниот процес каде што имаме дополнителни образовни асистенти коишто им помагаат во образовниот процес на дечињата со одредена попреченост. Имаме одлична соработка и со Црвениот крст каде што имаме неколку проекти. Имаме во близина дадена една од нашите урбани заедници за користење за потребите на Црвениот крст, односно згрижување на лица со попреченост над 18 години - еден одличен проект, додава градоначалникот на Центар.

Општина Аеродром, исто така, работи на подобрување на условите во училиштата и градинките каде што има деца со попреченост. 

- Меѓународниот ден на лицата со попреченост - 3 Декември треба да нè потсетува дека во текот на целата година и сите заедно треба да работиме за да може да го подобриме и олесниме животот на лицата со попреченост. Како Општина, работиме на повеќе проекти каде што се обидуваме да им помогнеме на овие лица. Таков е проектот за поставување лифтови за пристап во рамки на објектите на Општината, односно на училиштата. Такви лифтови имаме поставено во две училишта досега. Во тек е изградба на лифт во трето училиште и планираме во текот на наредната година да изградиме уште еден лифт за пристап на лица со попреченост во училиштето „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче. Имаме отворено две сензорни соби коишто дечињата можат да ги користат, имаме вработени и ангажирано дефектолози, асистенти на лицата со попреченост и сè тоа во рамки на оној инклузивен образовен процес којшто го работиме, појаснува градоначалникот Дејан Митески.

Се спроведува и проект со здружението „Ареола“, насловен „Заиграј со нас“, каде што лицата со попреченост бесплатно се вклучени во спорт и вежбање на моториката преку игри, задачи, натпревари итн.

- Имаме соработка со повеќе здруженија на граѓани коишто работат и функционираат на територијата на Општината Аеродром. Последна таква соработка беше со асоцијацијата „Ластовица“ каде што Општината им отстапи простор за бесплатно користење за нивните часови, односно нивните центри каде што ќе можат да добијат бесплатна услуга. И во иднина планираме да работиме на поддршка на лицата по преченост, од причина што тие се дел од нашето општество и само на заеднички начин можеме да го подобриме нивното живеење, нагласува градоначалникот.

Во Општината Кисела Вода, пак, според градоначаник Орце Ѓорѓиевски, многу малку работи биле направени околу инклузијата на лицата со попреченост пред неговиот мандат.

- Она што ни беше силна заложба, мене и на мојот тим, беше да овозможиме, најпрво - нормални услови за функционирање. Во таа насока, во сите објекти од јавен карактер, првото што го направивме е поставување рампи за пристап на лицата со попреченост. Ние сме една од ретките, ако не и единствена општина во Македонија, којашто има тактилни патеки за слепи лица. Натаму, со Здружението „Крик“ отворивме, изминативе три години, дневен центар за лицата со попреченост во Црниче, којшто помага за таму да се дружат заедно, да минуваат дел од своето време, да напредуваат итн. Дополнително, за дечињата со церебрална парализа, јас како градоначалник и мојот тим финансираме клубче во Расадник, каде што, исто така, се овозможува простор за дружба, посочува првиот човек на Општината.

Од друга страна, пак, за Денот на Брајовото писмо, за Центарот за лицата со оштетен вид, којшто се наоѓа во Кисела Вода, изминативе три години секоја година Општината донира книги, напишани на Брајово писмо.

- Во сите основни училишта, бидејќи немаше никаде опремени простории како сензорни соби коишто служат за лицата со попреченост во основното образование, се потрудивме изминативе години да ги изградиме во училиштата. На 3 Декември, кога е практично денот на одбележување за лицата со попреченост - тоа е за неколку дена од денес, ќе отвориме сензорна соба и во населбата Драчево, во ОУ „Рајко Жинзифов“, вели градоначалникот. 

Во Општината има вработено лица со оштетен вид, како и со други попречености.

- Исто така, би напоменал дека бевме и првата Општина којашто вработи лице со Даунов синдром. Тоа е Стефан, мој соработник кој работи овде во Општината, и е дел од мојот тим, нагласува Ѓорѓиевски. 

Како успешни проекти, тој ги посочува градинката во Усје, училиштето „Кузман Јосифовски - Питу“ коешто претрпе целосна реконструкција, и е првото целосно инклузивно училиште на територија на градот Скопје и други слични примери. 

- Максимата којашто ме води во овој процес, е деновите на лицата со попреченост да не бидат само декларативни заложби на нас - политичарите, туку навистина да работиме во текот на еден мандат, постојано да овозможуваме еднакви услови за сите лица, заклучува Ѓорѓиевски во разговор за МИА.

Во Општината Ѓорче Петров, се работи на изедначувањето на можностите за луѓето со попреченост, без разлика за каков вид на попреченост станува збор. 

- Ние силно се залагаме, како Општина, пред сè, во градинките, во училиштата - онаму каде што ни се децата вклучени, максимално да направиме во однос на она што е наша надлежност во делот на подобрувње на условите. И, би издвоил тука повеќе работи. Најпрво сите јавни објекти ни се пристапни, со пристапни рампи, со можности, со лифтови, еве и новата општинска зграда е целосно пристапна за лица со различен вид попреченост, вели градоначалникот Александар Стојкоски.

Во рамки на градинката „Росица“, со нејзините клонови, е отворен првиот сензорен центар за лица со попреченост во државата во рамките на една градинка. И во тој сензорен центар работат студенти од Филозофскиот факултет, студенти по дефектологија, психологија....

Тренд во Општината е достапните лифтови и тоалети да бидат вклучени уште во текот на самата изградба, како што е случајот со ОУ „Тихомир Милошевски“ и подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром.

- Сакам да напоменам дека во Ѓорче Петров ќе се отвори првиот центар - социјален клуб, во соработка со невладините организаци, којшто ќе биде дневен центар за адолосценти, возрасни коишто се од различен тип на аутистичниот спектар. Гледаме да ги опфатиме сите лица по класификација, коишто ни се во рамки на нашите програми. Еве за идната година првпат предвидуваме и посебна финансиска помош за семејствата на нашите ученици во детските градинки и во училиштата, коишто се со различен тип на попреченост, вели градоначалникот.

При изградба на инфраструктурните објекти во општината, како што посочува, се трудат да бидат запазени сите параметри за изведба на одредена градба. 

- Од аспект на ивичњаците - да бидат со зарабени косини, за да можат лицата да имаат пристап со количка, да поставиме заштитни столбчиња, како што имавме акција во скоро време со цел да не се узурпираат од возила и други препреки пешачките зони и сè она што го правиме ние како Општина го правиме во насока на достапност за сите граѓани, додава Стојкоски.

Тој повикува на поголема свесност од страна на сите жители - да не паркираат возила на места коишто не се наменети за тоа, особено не на пешачките патеки.

- И тука, искрено ни е потребна поголема поддршка од страна на полициските службеници, со цел да не ни се повторува тоа во вакви критични места, додава првиот човек на Општина Ѓорче Петров. 

И во оваа општина има вработено лице со попреченост, а имаат ангажирано уште две лица со договор на дело заради услуги во самата Општина.

- Се надевам дека во иднина ќе бидеме во можност да примиме што поголем број лица, бидејќи има заинтересираност, да бидам искрен. И лицата, без разлика на попреченоста, во повеќе случаи, се повеќе мотивирани, работат, многу совесно си ја извршуваат својата работна обврска, нагласува Стојкоски.

Порачува дека сите треба да сме интегрирани, заедно во општеството во коешто живееме.

- И ние како градоначалници, да дадеме уште поголемо значење на работите за коишто зборувавме, за пристап и обезбедување соодветни услуги коишто ќе им помогнат на лицата со различен вид попреченост, во начинот и во секојдневното функцонирање и да се вложиме уште повеќе во делот на нашата работа, соодветно на нашите законски обврски, меѓутоа и човечката, да речам, одговорност, и општествената, наша лична, како луѓе, подвлекува Стојкоски.

Директорот на МИА, каде веќе пет години работи новинарот Слободан Иванов, меѓу новинарите познат како Боби, вели дека попреченоста во нешто, може да биде предност во друго. На крајот на денот, вели директорот Драган Антоновски, сите луѓе се исти доколку ги тргнеме фрустрациите и стигматизациите.

- Попреченоста во нешто, може да биде предност во друго така што за нас е суштински да се искористат луѓето во смисла да пронајдете што е она што умеат да го работат и што е она во што можат да дадат максимум. Мислам дека нас ни успеа со Боби тоа што го работиме. Тој веќе пет години работи во МИА и гледаме значителен напредок во тоа што го работи и мислам дека тоа е единствениот пат да препознаеш што и каде може луѓето да го дадат својот максимум. Попреченоста е работа која не може да ја избираме, меѓутоа можеме да избереме кој и каде ќе го даде својот максимум, вели Антоновски.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост е ден што се одбележува на 3 декември секоја година низ целиот свет. Годишното одбележување на овој меѓународен ден првпат беше прогласено во 1992 година, со резолуцијата 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации. Чествувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост има цел да промовира разбирање за прашањата за попреченост и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на овие граѓани. Овогодишната тема со којашто се одбележува денот е „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“.

Но, не е само овој ден кога треба да се потсетиме на предизивиците со коишто се соочуваат овие граѓани. Лицето со попреченост денес нема некакви „посебни“ или „специјални“ потреби, туку има исти потреби за еднакви можности. Лицето со попреченост не е ниту „инвалид“ т.е. „неважечки“, безвреден, бескорисен... Не моли за милостиња со „хенд-ин-кеп“ (полусобрана дланка). Попреченоста не е веќе пречка за успеси во животот.

Скоро сите градоначалници во своите изјави истакнаа дека во своите општини имаат вработени лица со различен вид попреченост и дека тоа се вредни луѓе, посветени на својата работа. Тоа е најјасен показател дека, во некои случаи и повеќе од лицата без попреченост, и оние со попреченост се способни за работа, мотивација и успех и дека сите со својот успех, може да бидат полезни за околината, општеството и државата.

На луѓето со попреченост им треба општеството, а на општеството му се потребни сите негови граѓани, бидејќи сите имаат некаква способност, умешност и вештина. 

Слободан Иванов

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Борис Куноски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан