• петок, 05 декември 2025

Прилепските стопанственици бараат адаптирање на дуалното образование според потребите и заштита на домашното производство

Прилепските стопанственици бараат адаптирање на дуалното образование според потребите и заштита на домашното производство

Прилеп, 1 октомври 2025 (МИА) - Решавање на проблемот со недостиг од работна сила, адаптирање на дуалното образование на потребите на стопанството и заштита   и поддршка на домашното производство, побараа стопанствениците од Прилепскиот регион на денешната седница на Управниот одбор со заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и со директорката на Агенцијата за иновации, научна технолошки развој и претприемништво- ИНОВА, Даниела Димовска.

-Она што ние го потенциравме се недостигот од работна сила во стопанството и потребата од адаптирање на дуалното образование со профили кои му се потребни на стопанството. Од Министерството за економија побаравме поголеми поддршки во промоцијата на домашното производство, изјави Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Стопанствениците инсистираат на воведување заштита на македонските производи, да се промовираат на сите продажни места и да има минимум 50 проценти истакнати македонски производи.

-Не сме против увозот на странски производи, но сепак акцентот да биде ставен на домашното производство. Бараме заштита на македонските  производи преку борба со сивата економија зашто има големи увози преку провајдери. Тоа е најголема опасност за малите производители кои пласираат само на домашниот пазар. Увезените да се оданочат, објаснува Мариноски.

Состанокот со стопанствениците е од клучна важност бидејќи во овој момент Агенцијата ја креира програмата за 2026 година и сака да влезат проекти кои ќе бидат предлози на бизнис-заедницата за да одговори на нивните реални потреби.

-Клучно е и дигитализацијата на самите процеси.  Фокусирани сме на дигитализацијата на самата Агенција и повиците кои ќе следат добиваме поголема транспарентност и исклучување на корупција, рече Даниела Димовска, в.д директорка на Агенцијата за иновации, научна технолошки развој и претприемништво- ИНОВА

Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, Оперативниот план за вработување за оваа година дава резултати зашто ќе отвори нови 300 работни места.

-Од Прилеп има преку 300 апликации во Агенцијата за вработување за искористување за мерката за самовработување од Оперативниот план и е меѓу најактивните градови за искористување на оваа мерка. За мерката раст на постојаните субјекти има 50-тина апликации,10-тина апликации се за заштита на економијата и за практикантство. Со Оперативниот план за вработување за 2025, отвораме нови 300 работни места, пред сѐ вработување на млади луѓе во постојните компании, изјави Ристески по средбата со стопанствениците од Регионалната стопанска комора од Прилеп. ем/хс/ 

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан