• петок, 05 декември 2025

Прилепскиот економски факултет одбележа јубилејни 65 години посветено создавање кадри за стопанството

Прилепскиот економски факултет одбележа јубилејни 65 години посветено создавање кадри за стопанството

Прилеп, 19 септември 2025 (МИА) - Да креираме современи политики и да градиме економија - конкурентна, одржлива  и ориентирана кон идните генерации, порача заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, во рамки на свечената академија по повод 65 годишниот јубилеј на економскиот факултет во Прилеп.

-Да создадеме стручни и компетентни кадри, кои не само од амфитеатрите, ќе учат и од практиката за да ги унапредиме јавните финансии, и развиваат институции кои ќе работат транспарентно, отчетно и во вистински интерес на граѓаните, рече Јанкуловски пред професорите, студентите и гостите на одбележувањето.

Јанкуловски најави дека владата ќе работи на зголемување на платите на наставниот и другиот кадар, на зголемување на фондот за наука, за поттикнување на научно-истражувачката работа и на подобрување на студентскиот стандард.

- Трудот, посветеноста, знаењето создаваат резултати кои ја движат нашата држава напред и ја отвораат вратата од нови можности и подобра иднина, рече Јанкуловски.

Деканката на Економскиот факултет, Драгица Оџаклиеска рече дека на прилепскиот економски факултет досега дипломирале 7 751 студент, магистирале 667 студенти и 104 студенти станале доктори на науки. 

- Наставно-образовниот процес ги следи современите трендови во развојот на науката во земјата и светот и секогаш се грижи да биде во функција на студентите, на бизнис секторот и на пошироката општествена заедница, рече Оџаклиеска.

Ректорот на универзитетот „Свети Климент Охридски“, Игор Неделковски посочи дека факултетот е најстарата образовна установа при универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола.

-Минатата година Универзитетот го прослави  големиот јубилеј – еден век постоење на Институтот за тутун во Прилеп, прва научна членка на универзитетот, а економскиот факултет е најстарата образовна установа на Универзитетот. Силата на овој, и на секој факултет, е во неговите студенти. Преку нив факултетот има силни врски со заедницата, невладиниот сектор и, што е најважно, со бизнис секторот, рече Неделковски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, рече дека Прилеп има голем бенефит од економскиот факултет зашто влијае на развојот на градот.

-Факултетот е вистински столб на образованието, науката, економскиот развој и не само во Прилеп, туку и во регионот и државата, рече Јовчески.

На свечената академија, Факултетот додели и благодарници на поединци и институции, повеќето од бизнис-секторот со кој соработува. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан