• понеделник, 23 декември 2024

Претстојат тешки преговори или нестабилен период со малцинска влада - анализа на странските медиуми за изборите во Хрватска

Претстојат тешки преговори или нестабилен период со малцинска влада - анализа на странските медиуми за изборите во Хрватска

Лондон, 18 април 2024 (МИА) - По вчерашните парламентарни избори, Хрватска се соочува со тешки преговори за формирање на владејачко мнозинство или со нестабилен период со малцинска влада, ги пренесува Хина денешните оценки на светските агенции.

Владејачките конзервативци во Хрватска избија на прво место на парламентарните избори одржани во средата, но со нешто помалку мандати од 2020 година, што навестува тешки преговори за формирање мнозинство, пишува француската агенција АФП. Агенцијата посочува се чини дека сите опции се отворени за коалиции во оваа членка на НАТО од 2009 година и на Европската Унија од 2013 година, која се уште е една од најсиромашните земји во ЕУ со просечна месечна плата од 1.240 евра.

АФП наведува дека корупцијата долго време е проблем за конзервативната партија ХДЗ, која владее со Хрватска поголемиот дел од времето од нејзината независност во 1991 година. Неколку министри во последните години мораа да поднесат оставки поради скандали, кои го засенија политичкиот живот во земјата.

И опозициската СДП не е задоволна од изборните резултати и веднаш најавија преговори за влада, јавува британската агенција Ројтерс.

Исходот од изборите може да влијае на клучните политики, вклучувајќи го и ставот за конфликтот во Украина и односите со Европската Унија. Хрватскиот премиер Андреја Пленковиќ ја поддржува Украина, додека опозицијата не е наклонета кон таква позиција, наведува Ројтерс, пренесува Хина.

Тесниот резултат најверојатно ќе доведе до политичка нестабилност во земјата-членка на ЕУ, бидејќи главните партии се обидуваат да склопат сојузи со други фракции кои имаат различни политички ставови, потенцира Ројтерс.

Германската агенција ДПА посочува дека ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ стана најсилната партија, но недоволно силна за апсолутно мнозинство. Според агенцијата, изборите биле обележани со жестоко ривалство меѓу Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ, кој е повеќе наклонет кон проруски став.

ДПА наведува и дека острите изјави на претседателот Милановиќ се одговорни за прекарот „хрватски Трамп“. Според агенцијата, аналитичарите веруваат дека Пленковиќ сакал вонредни избори за да спречи натамошен пад на популарноста. Критикувана е и политиката на Пленковиќ за проширување на корупциските мрежи во земјата и неодамнешното назначување на главниот обвинител Иван Турудиќ. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан