• среда, 25 декември 2024

Претставници на 36 јавни претпријатија потпишаа Декларација за антикорупциски практики и политики

Претставници на 36 јавни претпријатија потпишаа Декларација за антикорупциски практики и политики

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) – Претставници на 36 јавни претпријатија од Скопскиот, Полошкиот, Пелагонискиот и Источниот плански регион денеска во Скопје потпишаа Декларација за антикорупциски практики и политики во јавните претпријатија.

Станува збор за активност спроведена во рамки на проектот „Поттикнување на овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија" реализиран со финансиска поддршка на Амбасадата на САД.

- Целта на проектот е да се поттикне средината за пријавување корупција преку Законот за заштита на укажувачи, на ниво на јавните претпријатија. Почнавме од претпоставката дека локалните јавните претпријатија со оглед на ограничените ресурси ќе имаат и ограничени можности за постапување по пријави за корупција, рече проф. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и соработник на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ), Според анализите и големите претпријатија имаат предизвик во постигнување функционален систем за транспарентност и отчетност.

За период од три години од 2020 година наваму анализирани се 44 јавни претпријатија, а само три јави претпријатија имаат примени информации за коруптивни активности од укажувачи.

Во рамки на едногодишниот проект биле спроведени четири обуки со вработени на пониско ниво во јавните претпријатија, со цел да се утврди како системот функционира во пракса и на кој начин вработените ги извршуваат секојдневните обврски. 

- Од она што беше детектирано произлезе и текстот на денешната декларација. Она што не функционира го ставивме во текстот на декларацијата, за директорите и раководните лица на претпријатијата да се обврзат во иднина да го подобрат она што е детектирано како слабост на системот, рече Спасовски.

За малите локални претпријатија слабости се регистрирани кај ограниченоста во основните ресурси, кај некои дека работат и без минимум стандардна опрема. Како проблем е посочен и недостиг од соодветни простории за лицата што ги добиваат информациите од укажувачите , што е мошне важно кога се работи за добивање информации за коруптивни активности.

-   Ако некој сака да пријави корупција, а во канцеларијата има повеќе лица, нема да има слобода да го изнесе својот наод. Ако лицето задолжено за пријем на пријавата е само во канцеларија тогаш ќе имаме и поголема слобода за пријавувачот. Тоа изгледа само како технички стандард, меѓутоа тој е и суштински важен, посочи Спасовски.

Голем дел од претпријатијата не ги исполнуваат техничките стандарди, само 19 од 44 јавни претпријатија имаат лице одговорно за прием на укажувачи, а дури 60 отсто од претпријатијата немаат сопствени веб-страници.

Волја за приклучување кон проектот пројавиле и јавни претпријатија од други региони во земјата, меѓу кои од општините Охрид, Струга, Кавадарци, Куманово, Струмица. аб/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан