• петок, 05 декември 2025

Претставници на кабинетот на министерот Салиу на Шестиот министерски состанок за интеграција на Ромите

Претставници на кабинетот на министерот Салиу на Шестиот министерски состанок за интеграција на Ромите

Скопје, 7 октомври 2025 (МИА) - Членовите на кабинетот на министерот задолжен за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 Шабан Салиу, Ајдоган Демири и Љубица Томиќ, учествуваа на Шестиот министерски состанок за интеграција на Ромите, одржан во Тирана, Албанија, посветен на партнерствата од Западен Балкан и на спроведувањето на обврските од „Познанската декларација“ во рамки на процесот на проширување на Европската унија.

Настанот, како што се вели во соопштението од Кабинетот на Салиу, овозможи продлабочена размена на искуства меѓу земјите од регионот, со цел усогласување на националните политики со европските стандарди.

-Претставниците на Кабинетот на министерот Салиу ги претставија тековните институционални напори за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, со фокус на унапредување на координацијата меѓу институциите, подобрување на системите за прибирање и следење на податоци согласно ЕУ-практиките и насочување на буџетските и донаторските ресурси кон подобрување на пристапот на ромската заедница до образование, вработување, здравствени услуги, домување и еднаков третман без дискриминација, се истакнува во соопштението. 

Во рамки на работните сесии биле отворени разговори за зајакнување на партнерствата со меѓународните организации и локалните заедници, со цел обезбедување транспарентност и отчетност во имплементацијата. сст/са/

Фото: кабинет на министерот Шабан Салиу

Остани поврзан