• сабота, 23 ноември 2024

Претставки од бугарски здруженија и граѓани до Комисијата за заштита од дискриминација, најмногу за говор на омраза по социјалните мрежи

Претставки од бугарски здруженија и граѓани до Комисијата за заштита од дискриминација, најмногу за говор на омраза по социјалните мрежи

Штип, 22 септември 2022 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има добиено тринаесет претставки од страна на бугарски здруженија и граѓани кои се Бугари. Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вели дека најчесто се однесуваат на говор на омраза по социјалните мрежи, а имале и една претставка за дискриминација на работа и работни односи.

-Заклучно со јуни, мислам дека имаме 13 претставки добиено, коишто се однесуваат на дискриминација на основа на етничка припадност врз лица од бугарска етничка припадност. Морам да кажам дека во два случаи имаат утврдено вознемирување, во еден немаме, осум претставки се во тек и имаме претставки, коишто се отфрлени заради неуредност. Законот кажува кои се основните работи, коишто треба да ги содржи една претставка за да може Комисијата да постапува и ако не ги содржи тие елементи Комисијата ја враќа на доуредување и ако подносителот не ја доуреди ние ја отфрламе, вели Јадровски.

Посочи дека овие претставки ги третираат како и сите останати, кои пристигнуваат до Комисијата, а најголемиот дел од претставките генерално се од областа на работни односи, потоа за пристап до добра и услуги, како и пристап до здравствени и социјални услуги.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска се претстави пред граѓаните на Штип. На Градскиот плоштад „Слобода“ беа презентирани активностите, но и како граѓаните да достават претставки до Комисијата. вдј/вг/

Остани поврзан