• среда, 25 декември 2024

Претставата „Земја на штркови“ премиерно во Охрид, а потоа и во Свети Николе, Пробиштип, Велес и Скопје

Претставата „Земја на штркови“ премиерно во Охрид, а потоа и во Свети Николе, Пробиштип, Велес и Скопје

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Претставата „Земја на штркови“ на 18 ноември 2024 година премиерно ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Работена е по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на „Земја на штркови“.

Како што информира Театар Провокација – Скопје, „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината. Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од земјава. Едниот - разделен пред 20-тина години, а другиот - го живее моментот на разидување од истите причини.

- Ги поставува прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!, се вели во соопштението.

Во претставата играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски. Продукцијата е на Театар Провокација – Скопје. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски. Вокал е Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука.

Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании: ELENA LUKA, @DIAS, @kuferi.com, Badel Pelinkovac Galena и медиумски покровители.

Следните изведби на претставата се на 22 ноември 2024 година во Свети Николе, на 26 декември во Пробиштип, на 6 декември во Велес, на 10 во Охрид (реприза), а на 11 декември премиерно во Скопје, во Младинскиот културен центар. Изведбите почнуваат во 20 часот. мд/сст/

Фото: Театар Провокација – Скопје

Остани поврзан