• вторник, 24 декември 2024

Претседателот Пендаровски ќе ја отвори изложбата „Ликовни блесоци“

Претседателот Пендаровски ќе ја отвори изложбата „Ликовни блесоци“

Скопје, 7 септември 2021 (МИА) - По повод чествувањето на 30 години независна македонска држава, вечер во претседателскиот кабинет, претседателот на државата Стево Пендаровски свечено ќе ја отвори изложбата „Ликовни блесоци“ на која ќе бидат претставени автори и дела кои се приказ за виталноста и автохтоноста на историското колективно постоење и дејствување.

На изложбата во претседателскиот кабинет ќе бидат претставени дела на Димитар Пандилов Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчевски, сѐ до Ана Темкова, Родољуб Анастасов, Омер Калеши.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, во рамки на изложбата ќе има и резиме на околу 143 автори кои имаа најголемо влијание во изминативе 30 години, а чии дела ќе бидат дигитално претставени.

За време на настанот, млади уметници - студенти од Факултетот за ликовни уметности ќе изработуваат слика - мурал, што ќе биде донирана во хуманитарни цели, а ќе настапи и Долорес Поповиќ, актерка и композиторка.

Изложбата ќе биде реализирана во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија.  дма/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан