• вторник, 24 декември 2024

Претседателот Пендаровски на чествување на 2 Август, Илинден - Денот на Републиката во Крушево

Претседателот Пендаровски на чествување на 2 Август, Илинден - Денот на Републиката во Крушево

Скопје, 1 август 2021 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски, утре, по повод 2 Август, Илинден - Денот на Републиката, ќе присуствува на чествувањето на државниот празник во Крушево.

-На Мечкин Камен, во Крушево со почеток во 18:00 часот ќе се одржи централната свеченост која ќе започне со полагање свежо цвеќе од претседателот Пендаровски и бројни делегации пред споменикот на Мечкин Камен, информираат од Кабинетот на Претседателот.

Во продолжение ќе следува културно-уметничка програма на која ќе настапат ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, Влатко Стефановски и настап на воениот оркестар на Армијата. Во рамки на културно-уметничката програма, Никола Ристановски ќе одржи пригодна реч со пораки за Илинден.

-Пред централната свеченост на Мечкин Камен, во 10:20 часот во Крушево, претседателот Пендаровски ќе присуствува на панихида за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и ќе присуствува на програма подготвена од баталјонот за почести на Армијата пред споменикот „Македониум“. Претседателот Пендаровски ќе ги предводи делегациите на полагањето свежо цвеќе и на Споменикот на хероите на месноста „Слива“, известуваат од кабинетот на Пендаровски.

Централната свеченост по повод чествувањето на 2 Август, Илинден - Денот на Републиката на Мечкин Камен, како и одбележувањето на државниот празник пред споменичниот комплекс „Македониум“ ќе бидат пренесувани во живо на јавниот сервис, како и на Facebook страницата и на YouTube каналот на Претседателот.

Делегации од Кабинетот на Претседателот ќе присуствувааат на чествувањата по повод 2 Август, Илинден - Денот на Републиката во Скопје, Пелинце и во Смилево.

Во Скопје, делегација од Кабинетот на Претседателот ќе положи свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов – Ченто, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ и на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија. Во Пелинце, делегација од кабинетот на шефот на државата ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ.

Во Смилево, делегација од Кабинетот на Претседателот ќе положи свежо цвеќе на споменикот на Даме Груев, на Могилата на Даме Груев, како и на Споменикот на смилевските илинденци и на Спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“. ир/ац/

Остани поврзан