• среда, 27 ноември 2024

Претседателот Пендаровски го прими генерал-мајор Бајрам Бегај, началник на ГШ на Вооружените сили на Албанија

Претседателот Пендаровски го прими генерал-мајор Бајрам Бегај, началник на ГШ на Вооружените сили на Албанија

Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими генерал-мајор Бајрам Бегај, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговараше за билатералната воена соработка меѓу двете држави, при што беше нагласено дека постои потенцијал за нејзино унапредување во следниот период.

Како успешен пример на соработка, соговорниците ги истакнаа учествата на двете армии во заеднички вежбовни активности, со што се зајакнува интероперабилноста и се подигнува нивото на обученост и подготвеност на припадниците на армиите. Тие изразија надеж дека соработката помеѓу двете армии во иднина ќе се продлабочува и ќе го достигне степенот на соработка на двете држави што го имаат на политичко и на економско ниво.

Претседателот Пендаровски, како што се наведува во соопштението, изрази очекување дека Северна Македонија и Албанија, како соседи и полноправни членки на НАТО, ќе продолжат да ги усогласуваат своите ставови во контекст на соработката во Алијансата.

На средбата стана збор и за соработката на двете држави во рамките на регионалните иницијативи, кои се во насока на унапредување на стабилноста и безбедноста на регионот. дма/са/

Остани поврзан