• вторник, 26 ноември 2024

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски се сретна со потпретседателот на Венцијанската комисија Кауер

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски се сретна со потпретседателот на Венцијанската комисија Кауер

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Осман Кадриу и Татјана Васиќ-Бозаџиева оствариле средба со потпретседателот на Венцијанската комисија, Мартин Кауер. Средбата се одржа пред почетокот на Меѓународната конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на која присуствува делегацијата од Уставниот суд, информираат денеска од Судот.  

Костадиновски искажал задоволство за досегашната соработка и поддршката од Венецијанската комисија и изразил подготвеност за интензивирање на соработката. 

-Улогата на Венецијанската комисија е исклучителна во обезбедувањето на фундаменталните права и уставната правда. Правните стандарди и добрите практики кои ги развива преку правните мислења и т.н пријателски мислења (Amicus curiae opinions) се особено значајни во постапките и работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија, истакнал Костадиновски на средбата. 

Костадиновски го запознал Кауер со актуелностите и предизвиците со кои се соочува Судот, како и со новините кои се воведени со Актот на Уставниот суд кој почна да се применува од Септември оваа година. 

Потпретседателот на Венецијанската комисија, Кауер ги поздравил приоритетите на Костадиновски кои се во насока на зајакнување на владеењето на правото.

-Венецијанската комисија е посветена на трите основни принципи на европското уставно наследство: демократијата, човековите права и владеењето на правото, кои се истовремено основа на сите активности кои ги презема Советот на Европа. Подготвени сме за потесна соработка со Уставниот суд и особено ја ценам вашата посветеност кон вредностите и принципите кои ги делиме и поддржуваме, рекол Кауер.

Како што информираат од Уставниот суд средбата се одржала на 23 октомври, во Приштина, на маргините на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на која присуствува делегацијата предводена од претседателот на Уставниот суд. Според Агендата предвидено е обраќање на Конференцијата денеска да има претседателот на Судот Костадиновски на темата „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: рамнотежа помеѓу извршната, законодавната и судската власт во современите општества”. сст/са/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан