• вторник, 24 декември 2024

Претседателот на Судот во БиХ и поранешен шеф на разузнавачка служба незаконски прислушувале судии

Претседателот на Судот во БиХ и поранешен шеф на разузнавачка служба незаконски прислушувале судии

Сараево, 19 декември 2023 (МИА) - Главниот обвинител во Обвинителството на БиХ, Миланко Кајганиќ, денеска потврди дека се води истрага за нелегално прислушување, за кое се осомничени поранешниот шеф на Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА) на БиХ и актуелниот претседател на државниот суд. 

Претседателот на Судот на БиХ Ранко Дебевец и поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ Осман Мехмедагиќ беа уапсени вчера во одвоени акции на припадници на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).

Тие се приведени поради сомнение за злоупотреба на положбата и овластувањата, по што ноќта ја минале под полициски распит во седиштето на СИПА во Источно Сараево.

Главниот обвинител Кајганиќ за новинарите во Сараево денеска рече дека целта на истрагата е да се утврди зошто и по чија наредба разузнавачката агенција извршила дел од прислушувањето, бидејќи постои сомнеж дека овие мерки за следење биле спроведени незаконски.

„Според досега собраните докази, двајцата извршиле кривични дела злоупотреба на службената положба бидејќи незаконски прислушувале судии на Судот на Босна и Херцеговина и вработени во Обвинителството на Босна и Херцеговина во текот на истрагите“, соопшти главниот обвинител, објаснувајќи дека се работи за 2020 година.

Тој додаде дека засега нема докази дека и други политички ангажирани лица или политички партии биле предмет на мерки за незаконско прислушување, но и тоа ќе биде детално проверено. ссм/

фото: архива/илустрација

Остани поврзан