• вторник, 24 декември 2024

Претседателот на Собранието Џафери на Вториот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа

Претседателот на Собранието Џафери на Вториот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа

Скопје, 23 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, во својство на претседател на Интер-партиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, денеска и утре во Прага, Чешка Република, ќе учествува на Вториот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа. Во состав на делегацијата се и пратениците Диме Велковски, Никола Мицевски и Арбер Адеми кои се членови на Групата.

Како што информира собраниската прес-служба, Џафери ќе има обраќање на Самитот, а на маргините ќе оствари билатерални средби со своите колеги. 

Во 2021 година, Меѓународната Кримска платформа беше основана на Првиот инаугуративен самит во Киев, а Првиот Самит на Парламентарната димензија на Кримската Платформа се одржа на 24 и 25 октомври 2022 година во Загреб, Република Хрватска. Таа е единствен координативен и консултативен форум на владино, парламентарно и експертско ниво, кој се фокусира на пет приоритетни области: политика за непризнавање, санкции, зачувување на човекови права; слобода на навигација; економски и еколошки последици од привремената окупација.

Парламентарната димензија има за цел да ја подигне свеста кај светските лидери и пошироката јавност за нелегитимната руска окупација на Крим, нејзиното негативно влијание врз човековите права на локалното население, врз безбедноста во регионот на Црното Море, врз глобалната безбедност на храната како и на светскиот поредок заснован на правила. Овој Самит ќе се заокружи со усвојување на Заедничка декларација. мч/дма/

фото: МИА архива

 

  

Остани поврзан