Претседателот на Собранието Јован Митрески се обрати на настанот „Млад франкофонски парламент“
- Собранието на Република Северна Македонија и годинава го организираше Младиот франкофонски парламент „Имам став”, со што, како што истакна претседателот на Парламентот Јован Митревски, се вклучуваат во одбележувањето на Месецот на Франкофонијата во земјава и преку дебата на француски јазик, да се овозможи учениците од средните училишта да дебатираат на актуелни теми кои ги засегаат младите.
Скопје, 7 март 2024 (МИА) - Собранието на Северна Македонија и годинава го организираше Младиот франкофонски парламент „Имам став”, со што, како што истакна претседателот на Парламентот Јован Митревски, се вклучуваат во одбележувањето на Месецот на Франкофонијата во земјава и преку дебата на француски јазик, да се овозможи учениците од средните училишта да дебатираат на актуелни теми кои ги засегаат младите.
-Сакам да истакнам дека Собранието на Република Северна Македонија како асоцијативна членка на Парламентарното собрание на Франкофонијата, ги негува вредностите на Франкофонијата. Пратениците активно се залагаат за промоција на францускиот јазик и култура и на овој начин Собранието се приклучува кон останатите парламенти кои споделуваат вредности на оваа меѓународна парламентарна организација. Бројните настани кои во чест на Франкофонијата се одбележуваат во нашата земја значат негување и натамошна афирмација на францускиот јазик во Северна Македонија, но во суштина значат промоција на мирот, демократијата, човековите права, соработката меѓу народите и различните култури, истакна Митрески.
Северна Македонија, додаде тој, е целосно приврзана кон овие вредности и како мултиетничко општество отворени сме кон различните етнички, јазични и културни идентитети. Затоа и ја разбираме потребата да се афирмира посебноста, со сите различности, преку интеракција и размена со другите.

-Овој Младински франкофонски парламент што го организираме денеска, го претставува токму тоа, учениците од различни градови на нашата држава да дебатираат. Со внимание да ја проследиме нивната дебата, да ги слушнеме нивните размислувања и потреби и што побрзо да ги вклучиме во општествениот-политичкиот живот во земјата, рече претседателот на Собранието.
Тој истакна дека посaкува во иднина надлежните институции во земјава заедно со нас пратениците да работиме на донесување и примена на соодветни мерки за зголемување на присуството на францускиот јазик во сите степени на образование.
-Потребно е да се посвети поголемо внимание на подготовка на едукативни програми, летни школи и кампови заради поголемо поврзување на младите среднишколци со нивните врсници од франкофонските земји, рече Митрески.
Обраќајќи им се на учениците тој нагласи дека денеска тие ќе бидат во прв план и ќе имаат можност да бидат дел од „работата на парламентарците“ и да ја почувствуваат моќта што ја има “зборот” и легитимитетот на пратеникот.
-Се надевам дека некои од вас ќе бидат инспирирани да станат пратеници и да ги менуваат општествата и животите на нашите граѓани на подобро. Со нетрпение очекуваме да ја следиме Вашата дебата по трите предложени теми за овој денешен настан. Забележувам дека темите се многу внимателно одбрани, тие се многу актуелни и верувам дека ќе понудите мудри решенија за подигнување на свесноста за врсничкото насилство, за безбедноста во сообраќајот и иселувањето на младите. Градењето на здрав односи меѓу вас е од исклучително значење за нашето општеството за што сите ние како родители, наставници и политичари мора да придонесеме. Ќе бидам среќен доколку ние како законодавци овозможиме поставување на солидната конструкција на тој мост на поврзување меѓу сите нас. Тоа ќе претставува чест и признание и за нас како држава на меѓународната сцена и соодветно позиционирање на Република Северна Македонија на истата, истакна во обраќањето претседателот на Парламентрот Митрески. сст/нд/
Фото: Собрание на РСМ