• понеделник, 23 декември 2024

Претседателот на Полска го предупреди Орбан дека многу ќе го чини попустливоста кон Русија

Претседателот на Полска го предупреди Орбан дека многу ќе го чини попустливоста кон Русија
Варшава, 26 март 2022 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда вечерва во Варшава изјави дека не го сфаќа попустливиот однос на унгарскиот премиер Виктор Орбан кон Русија која ја нападна Украина и го предупреди својот најблизок сојузник во Европската унија дека таквата политика би чинела многу Будимпешта. - Во светло на војната во Украина, тешко ми е да ја разберам позицијата на Виктор Орбан. Таа политика ќе ја чини Унгарија многу. Многу, рече Дуда во интервју за полската независна телевизија ТВН24. По дводневната посета на американскиот претседател на Полска, која Џо Бајден ја заврши вечерва со говор во Кралскиот замок во Варшава, кога ја предупреди Русија да не се осмели да нападне ниту една од членките на НАТО, бидејќи членот пет за колективна одбрана е света обврска за САД, полскиот претседател рече дека засега нема потреба да се активира тој член. - Се надевам, всушност, убеден сум дека нема да има потреба од примена на член 5 од НАТО. Тоа се руски закани. Русија и да сака, нема сила да изврши инвазија на друга сериозна земја. Според сите информации кои ги имаме, а разговарав и со претседателот на Соединетите Американски Држави, ништо не укажува на потреба од користење на членот пет, потенцираше Дуда. Полскиот претседател како клучна во разговорите со Бајден и во говорот ја истакна реафирмацијата дека НАТО ќе ја брани секоја педа од територијата на земја-членка на НАТО. ссм/

Остани поврзан