• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на Камерун конечно се врати дома, тој е жив

Претседателот на Камерун конечно се врати дома, тој е жив

Јаунде, 22 октомври 2024 (МИА) - Деведесет и едногодишниот камерунски претседател Пол Бија првпат е виден во јавноста по месец и половина по шпекулациите за неговото здравје и дали воопшто е жив, јави Би-Би-Си.

Во понеделникот државната телевизија прикажа снимка од претседателот како пристигнува со авион на аеродромот во главниот град Јаунде на лет од Швајцарија. Тој беше пречекан од државни функционери и членови на владејачката партија.

Последен пат беше виден на 8 септември на самитот Кина-Африка во Пекинг и оттогаш владата е под голем притисок да докаже дека долгогодишниот лидер е сè уште жив.

Владините претставници ги негираа тврдењата дека тој починал, велејќи дека Бија е во добра здравствена состојба и е во приватна посета на Женева.

Неговото повторно појавување во јавноста може да предизвика повици во неговата партија ЦПДМ да бара уште еден седумгодишен мандат на изборите следната година.

Додека „Човекот лав“ - како што го нарекуваат неговите поддржувачи - допрва треба отворено да каже дали ќе се кандидира, неговите критичари велат дека неговите неодамнешни политички потези сигнализираат обид за консолидирање на моќта на владејачката партија.

Од 1982 година, Пол Бија е вториот претседател во историјата на Камерун, откако претходно беше премиер од 1975 година. Од 2024 година, тој е вториот најдолго владејачки претседател во Африка и најстариот шеф на држава во светот. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан