• сабота, 09 ноември 2024

Претседателот на Казахстан избран за нов лидер на владејачката партија

Претседателот на Казахстан избран за нов лидер на владејачката партија
Москва, 28 јануари 2022 (МИА) - Владејачката партија на Казахстан денеска за свој нов лидер го избра претседателот на државата Касим-Жомарт Токаев.
Како што пренесуваат странските агенции, овој потег дополнително ќе го намали влијанието на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев, кој со децении беше доминантна политичка фигура во земјата.
Токаев е избран за лидер на партијата Нур-Отан набргу по немирите овој месец во кои загинаа повеќе од 220 луѓе и беа запалени владини згради.
Назарбаев, кој го предводеше Казахстан од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, поднесе оставка како шеф на државата во 2019 година, но задржа огромно влијание како лидер на партијата Нур-Отан и како претседател на Советот за национална безбедност.
Назарбаев во ноември најави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на партијата, а Токаев е избран за лидер на партиски конгрес. Масовните демонстрации, кои избувнаа на почетокот на јануари поради наглото зголемување на цените на горивото, брзо се проширија низ целата земја. Токаев повика на фундаментални реформи насочени кон намалување на големото учество на државата во економијата, премостување на јазот меѓу богатото малцинство и сиромашното мнозинство и елиминирање на потенцијалните причини за натамошни превирања. паг/
 

Остани поврзан