Претседателот на Европскиот совет предупредува дека Русија е единствениот добитник од војната во Иран
- - Русија профитира и од пренасочувањето на воените капацитети што инаку би можеле да бидат испратени како поддршка за Украина, како и од намаленото внимание кон украинскиот фронт додека конфликтот на Блискиот Исток е во центарот на вниманието - рече Кошта.
Брисел, 10 март 2026 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет Антониу Кошта повика на дипломатско решение за тековниот конфликт на Блискиот Исток и предупреди дека досега единствениот добитник од војната е Русија.
Говорејќи на годишниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел, Кошта изјави дека Европската Унија стои со народот на Иран.
- Европската Унија е на страната на долго страдалниот народ на Иран. Го поддржуваме нивното право да живеат во мир и сами да ја одредуваат својата иднина - рече тој.
- Слободата и човековите права не можат да се постигнат со бомби. Само меѓународното право може да ги заштити - додаде Кошта.
Тој нагласи дека заштитата на цивилите и нуклеарната безбедност се од клучно значење и повика да се избегне натамошна ескалација на конфликтот.
Кошта предупреди дека војната во Иран има и пошироки последици.
- Досега има само еден победник во оваа војна – Русија - рече тој.
Според него, конфликтот во Иран „постојано ја поткопува позицијата на Украина со кршење на меѓународното право“, алудирајќи на загриженоста дека американските и израелските напади врз Иран би можеле да го прекршат.
Москва, додаде Кошта, добива нови ресурси за финансирање на војната против Украина поради растот на цените на енергенсите.
- Русија профитира и од пренасочувањето на воените капацитети што инаку би можеле да бидат испратени како поддршка за Украина, како и од намаленото внимание кон украинскиот фронт додека конфликтот на Блискиот Исток е во центарот на вниманието - рече Кошта. ссм/ми/
фото: ДПА