• среда, 25 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, соопштија од претседателскиот кабинет.

На средбата, како што се наведува во соопштението, се разговарало за досегашниот ангажман на оваа организација кај нас, за улогата на Меѓународната организација на трудот при носење на социјалните политики, за поддршката при формирањето на Економско-социјалниот совет во 2010 година, воведувањето минимална плата, како и за имплементацијата на низа политики за зголемување на процентот на вработеност меѓу младите и носењето стратегии за малите и за средните претпријатија.

Сиљановска Давкова изразила поддршка за активностите на Меѓународната организација на трудот и нагласила дека ќе продолжи гласно да ги поддржува сите иницијативи и проекти за подобрување на условите за живот на работниците.

Двете соговорнички разговарале и за соработката на Меѓународната организација на трудот со македонските надлежни институции, при што било посочено дека организацијата и натаму ќе дава поддршка и ќе ги вложува своите капацитети за подобрување на стандардот на работниците, како и за создавање на услови за фер и достоинствено вработување за сите.

Од зачленувањето во Меѓународната организација на трудот во 1993-та година, а како резултат на посветеноста да ги почитува меѓународните стандарди на трудот, нашата држава има ратификувано 81 од 191 конвенција на МОТ, се додава во соопштението. ац/

Фото: МИА архива
 

Остани поврзан