Сиљановска Давкова: Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, чекалната наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните
- Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска се обратилa на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.
Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска се обратилa на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.
Во обраќањето, Сиљановска Давкова се осврнала на евроинтеграцијата, како приоритетен предизвик на земјите од регионот. Според неа, чекалната на Европската Унија наречена Западен Балкан се празни само на два начини: со интегрирање на земјите од овој гео-политички регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочила, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската Унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава.
Ваквата демографска закана, според претседателката Сиљановска Давкова, е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи, како што посочила, помалку граѓани значи и сѐ помал притисок врз властите за европските реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократските вредности и почитувањето на човековите права и слободи.
- Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година, рекла претседателката Сиљановска Давкова, соопштија од нејзиниот Кабинет.
Таа посочила дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.
- Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето, истакнала Сиљановска Давкова.
Пред лидерите на процесот Брдо-Бриони укажала на потребата за регионална соработка и поддржување едни со други, по примерот на скандинавските земји, истакнувајќи дека тоа е неопходно за да може да се фокусираме на клучните проблеми на регионот.
- Веќе го спомнав иселувањето на младите. Кон тоа ќе ја додадам и потребата од инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување, што ќе помогне регионот да стане поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар. Планот на Европската Унија за раст за Западниот Балкан треба да биде инструмент од кој сите држави од регионот, независно од степенот на евроинтегративниот процес, да имаат еднаков бенефит. Но, на повидок е и уште посериозен проблем, а тоа се климатските промени, рекла претседателката.
Според Сиљановска Давкова, европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на Запад и Исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочила, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.
Во изјава по завршувањето на состанокот, претседателката посочила дека собирот поминал во пријателска атмосфера и на него била потенцирана важноста за регионалната соработка и поддршка, истакнувајќи дека не можеме да очекуваме респект и разбирање од членките на ЕУ, доколку сами меѓу себе не се разбираме. Таа ја потенцирала клучната улога на иницијаторите за Процесот Брдо-Бриони, Словенија и Хрватска и изразила надеж за продолжување на нивната гласност во процесот на нашата реунификација или реинтеграција во Европа.
На денешниот самит, шефовите на делегациите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони усвоиле Декларација во која го потврдиле нивното непоколебливо уверување дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е најветувачкиот и најнезаменливиот пат кон Европа, потенцирајќи ја неопходноста од храбри чекори со цел обезбедување на долгорочна стабилност на континентот и создавајќи услови со цел младите луѓе да останат во регионот и да напредуваат во праведни, просперитетни и одржливи општества. цр/бак/
Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова