• вторник, 24 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на Националниот сојуз на слепи

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на Националниот сојуз на слепи

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска примила делегација од Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, во чиј состав биле Жарко Селковски, претседател и Ирена Бојмалиева и Лупчо Ваневски, членови на сојузот.

На средбата, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, претставниците на Националниот сојуз на информирале за нивните тековни активности, како и за нивните идни ангажмани во насока на заштита на правата на лицата со оштетен вид и нивна инклузија во сите сегменти на македонското општество.

- Претставниците на сојузот посочија дека обединуваат над 2600 лица со целосно или делумно оштетен вид на територијата на целата држава и истакнаа дека Националниот сојуз на слепи е член на неколку меѓународни организации, меѓу кои се Балканскиот консултативен комитет, Европскиот и Светскиот сојуз на слепи, се наведува во соопштението.

Претседателката Сиљановска Давкова порачала дека само преку тесна соработка меѓу сојузот и релевантните државни институции ќе се подигне свеста за унапредување на правата на лицата со оштетен вид.

- Соговорниците се согласија дека е неопходно да се подобри животниот стандард на овие лица, како и да им се олесни пристапноста до соодветно образование, здравство, култура и спорт, стои во соопштението. цр/ац/

Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова 

Остани поврзан