• вторник, 24 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими организаторите на 37. Охридски пливачки маратон

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими организаторите на 37. Охридски пливачки маратон

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими организаторите и поддржувачи на Охридскиот пливачки маратон кој се одржува по 37 пат, под покровителство на Претседателот на државата. На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателката, таа била информирана за текот на подготовките на годинашното издание, пријавените учесници и севкупните спортски активности и содржини на Фестивалот на водени спортови, во чии рамки се одржува Охридскиот пливачки маратон.

Претседателката Сиљановска Давкова посочила дека, како една од најстарите спортски манифестации, Охридскиот пливачки маратон е меѓународно препознаен и вреднуван не само од пливачката, туку и од целата спортска јавност и со својата долгогодишна традиција има значаен придонес за афирмација на земјава.

-Изразувајќи уверување дека Охрид ќе биде домаќин на уште едно успешно издание на пливачкиот маратон, претседателката им посака успех на сите годинашни учесници на трката и ја истакна важноста од натамошно континуирано одржување на маратонот по светски стандарди и задржување на вниманието и интересот на врвните светски пливачки имиња, се вели во соопштението.

На средбата присуствувале претседателот на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски, претставници од општина Охрид, од здружението Охридски маратон, од пливачкиот клуб Охридски бранови и македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев.

Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 31 август на пливачката патека „Климе Савин“ во должина од 25 километри со старт од манастирскиот комплекс „Св. Наум“ и цел на Градското пристаниште во Охрид. аа/бак/

Фото: Кабинет на Претседател

 

Остани поврзан