Претседателите на Египет и Русија разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток и војната во Украина
- Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и неговиот руски колега Владимир Путин разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток во телефонски разговор, со фокус на Појасот Газа, соопшти портпаролот на египетското претседателство Мохамед ал Шинауи.
Каиро, 21 јануари 2025 (МИА) - Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и неговиот руски колега Владимир Путин разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток во телефонски разговор, со фокус на Појасот Газа, соопшти портпаролот на египетското претседателство Мохамед ал Шинауи.
Ал Сиси ги претстави напорите на Египет од почетокот на конфликтот во Газа во партнерство со Катар и САД за постигнување договор за прекин на огнот меѓу палестинското движење Хамас и Израел, што е клучно за регионалната стабилност. Тој, исто така, ги истакна тековните напори за да се обезбеди спроведување на договорот и да се обезбеди пристап до хуманитарна помош за енклавата.
Рускиот претседател, од своја страна, ја изрази својата висока благодарност за напорите на Египет да постигне договор меѓу Хамас и Израел и неговиот придонес за стабилноста во регионот.
Двајцата лидери разговарале и за ситуацијата во Сирија, при што ја истакнале потребата од зачувување на единството и територијалниот интегритет на земјата.
Меѓу темите на разговор беа настаните во Либан, Судан, Либија, како и тековната војна во Украина.
Ал Сиси и Путин разговараа и за можностите за зајакнување на билатералните односи во областите од заемен интерес, особено во однос на проектот за создавање руска индустриска зона во економската зона на Суецкиот канал и првата египетска нуклеарна централа Дабаа на Средоземното Море, која ја гради руската државна компанија Росатом. мс/
фото: ЕПА